• сабота, 23 ноември 2024

Шукова: Ако се грижиме за животната средина, не треба да го стопираме економскиот развој на државата

Шукова: Ако се грижиме за животната средина, не треба да го стопираме економскиот развој на државата

Скопје, 31 јануари 2024 (МИА) - Ако се грижиме за животната средина, не значи дека треба да го стопираме економскиот развој на државата. Тие два процеси треба да одат паралелно, бидејќи тоа е целта на „Зелената агенда“ преку своите компоненти-здрава животна средина и економски раст на државата во исто време, изјави министерката за животна средина и прсоторно планирање, Каја Шукова на денешниот настан на тема „Локален пристап кон активна заштита на животната средина и ублажување на климатските промени“ што се одржува во Скопје.

Според Шукова, заеднички треба да се работи на спроведување на „Зелената агенда“ за Западен Балкан и со потпишување на Декларација со општините се покажува дека и тие се еден од чинителите во тој процес и добро е што покрај Министерството се вклучуваат и општините, како и невладиниот сектор.

-„Зелената агенда“ има повеќе компоненти. Една од компонентите беше спомната дека карбонизацијата ни е една од поважните компоненти за да се придвижиме кон почисти типови на енергија, обновливи извори на енергија-фотоволтаици, ветерни паркови. Тоа сериозно го правиме во изминатите неколку години. Зелената агенда има повеќе компоненти, меѓу другото и заштитата на биодиверзитетот, треба да се насочиме кон циркуларната економија, да ги намалиме количините на отпад коишто ги депонираме. Во суштина, зелената агенда детерминира мерки и активности коишто ќе помогнат да се заштити животната средина, но да има балансиран економски и социјален развој на државата, рече Шукова во одговор на новинарско прашање за значењето на имплементацијата на „Зелената агенда“.

На прашањето, пак, дали постои расположение кај општините за имплементација и за соработка на овие проекти, министерката смета дека се препознава овој процес и сите сфаќаат колку е битна заштитата на животната средина.

-Тоа е битно што се отвори како процес за последните години дека треба балансирано-едното да се заштитува, а другото да се развива.Општините, бидејќи имаме децентрализиран систем на управување во државата, се оние коишто ги спроведуваат најголем дел од обврските од законите. Државата креира политики, општините спроведуваат, што значи дека мораме да продолжиме кон јакнење на нивните капацитети, паралелно кон јакнење и на нашите за да можат она што им е обврска согласно законите да го спроведат, посочи Шукова.

Додаде дека според проценките потребни се некаде околу илјада евра по жител да се исполнат стандардите на ЕУ за животната средина и тоа значи дека покрај националното финансирање, земјава се потпира особено на фондовите на ЕУ и затоа е битно да се продолжи по патот да станеме земја членка на ЕУ еден ден.

Според Жарко Конески, програмски раководител за енергија во „Екосвест“, општините се клучни во спроведувањето на оваа транзиција и декарбонизација на државата.

-„Центарот за информирање и истражување за животната средина“ го води овој процес и проект за праведна енергетска транзиција и декарбонизација на Македонија и ова партнерство со МЖСПП и останатите партнери помага националните политики и стратегии да се спуштат на локално ниво, бидејќи локалните заедници и општините се клучни во спроведување на оваа праведна транзиција и декарбонизација на државата, изјави Конески.

Дел од учесниците на денешниот настан изјавија дека преку потпишување на декларација со градоначалниците се праќа силна порака за обединување за заеднички вредности и принципи и тоа е само почеток кон справување или решавање на сите проблеми со животната средина кои се идентификуваат кај нас со извештаите на ЕУ. рт/сст/

Фото: МИА архива

Остани поврзан