Фетаи: Родовата еднаквост не е само формално прашање, туку движечка сила за подобро управување
- Лидерството на жените не се сведува само на застапеноста, туку и на инклузивноста, етичкото управување и способноста за соочување со предизвиците. Мажите на раководни позиции не треба да бидат само пасивни поддржувачи, туку активни сојузници во надминувањето на стереотипите, создавањето можности и поттикнувањето системски промени, изјавил Фетаи.

Скопје, 1 април 2025 (МИА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро управување Арбен Фетаи денеска во Сараево учествувал на Регионалниот дијалог за политики за добро управување и лидерство на жените во Југоисточна Европа, организиран од Регионалната иницијатива против корупцијата.
Како што вечерва информираат од неговиот Кабинет, Фетаи ја подвлекол клучната улога на жените во управувањето, нагласувајќи дека нивното лидерство ја зајакнува транспарентноста, отчетноста и инклузивното одлучување.
- Лидерството на жените не се сведува само на застапеноста, туку и на инклузивноста, етичкото управување и способноста за соочување со предизвиците. Мажите на раководни позиции не треба да бидат само пасивни поддржувачи, туку активни сојузници во надминувањето на стереотипите, создавањето можности и поттикнувањето системски промени, истакнал Фетаи.
Тој додал дека родовата еднаквост не е само формално прашање, туку движечка сила за подобро управување.
- Интегрирајќи ја родовата еднаквост во јавните политики, обезбедувајќи отчетност и градејќи култура на инклузивно лидерство, можеме да создадеме институции што ќе им служат на сите граѓани, нагласил Фетаи. бд/бак/
Фото: Кабинет на Арбен Фетаи