• среда, 25 декември 2024

Шпанската ПП ја условува поддршката за избор на новата ЕК со смена на Рибера Родригез 

Шпанската ПП ја условува поддршката за избор на новата ЕК со смена на Рибера Родригез 

Брисел, 18 ноември 2024 (МИА) - Шпанската опозициска Народна партија (ПП) најави дека нема да го поддржи изборот на новата Европска комисија, доколку дел од неа биде и актуелната министерка за еколошка транзиција на Шпанија, Тереза Рибера Родригез, која е предложена за извршна потпретседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција и за еврокомесарка за конкурентност. 

- Не е можно Народната партија да поддржи Комисија на ЕУ од која дел би била Тереза Рибера, по сето она што се случи во овие две недели, изјави портпаролката на делегацијата на ПП во Европскиот парламент, Долорес Монсерат во видео порака објавена на социјалните мрежи. 

Монсерат додаде и дека за ваквиот свој став да не гласа за изборот на новата Комисија на Урсула фон дер Лајен, ПП има поддршка и од лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер. 

ПП, која е дел од ЕПП, ја посочува Рибера Родригез како најодговорна за „лошиот начин“ на кој шпанската Влада се справи со големите поплави во регионите Валенсија и Кастиља - Ла Манча, кон крајот на минатиот месец, во кои загинаа околу 220 лица. 

Процесот на одобрување на новата Европска комисија е заглавен во Европарламентот, откако двете најбројни пратенички групи - ЕПП и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), на која и припаѓа Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на Рибера Родригез, не можат да постигнат договор околу поддршката на сите кандидати за членови на ЕК. 

СД минатата недела најави дека нема да ги поддржат номинациите на кандидатот за извршен потпретседател на ЕК за кохезија и реформи и за еврокомесар за кохезивна политика, регионален развој и градовите, Италијанецот Рафаеле Фито, кој доаѓа од редовите на десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), како и на предложениот еврокомесар за здравство и благосостојба на животните, Унгарецот Оливер Вархеји, близок до екстремно десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ).   

Најавата на СД уследи откако ЕПП изрази резерви околу поддршката за Шпанката, Рибера Родригез, на чиј избор особено се противи шпанската ПП. Ваквата постапка беше оценета како обид за префрлање на политичката криза од Мадрид во Брисел, а во исто време шпанските социјалисти ја обвинија ПП за „антипатриотско“ однесување. 

За излез од ќорсокакот околу изборот на новата ЕК, Mонсерат му предложи на шпанскиот премиер Педро Санчез да номинира нов кандидат за шпански еврокомесар. 

- Ќе видиме дали европратениците сакаат со својот глас да поддржат потпретседателка која има проблем со управувањето и јавна одговорност за загубените животи на 220 Европејци во Валенсија и Кастиља - Ла Манча, рече Монсерат. 

Но, од друга страна ЕПП засега не бара замена на Рибера Родригез, но инсистира таа да даде објаснување пред Парламентот, како и да се обврзе дека ќе поднесе оставка доколку се најде на суд под обвиненија за „лошо менаџирање со катастрофалните поплави“. 

Застојот во одобрувањето на шесте кандидати за потпретседатели на ЕК и на Вархеји го блокира изборот на новата Комисија во Европскиот парламент и доколку во текот на оваа недела не се најде излез од сегашниот ќорсокак се доведува во прашање изборот на новото извршно тело на ЕУ до крајот на месецов и преземањето на должностите од страна на новите еврокомесари на 1 декември.  

Потврдувањето на номинациите на кандидатите за членови на ЕК требаше да заврши минатиот понеделник, но беше одложено во договор меѓу лидерите на ЕПП, СД и либералната група „Да ја обновиме Европа“, со цел, како што беше образложено, да се обезбеди „сеопфатен пакет за сите номинирани“.   

Според планот, по повредувањето на номинациите на сите кандидати за еврокомесари од страна на ресорните комитети на ЕП, Конференцијата на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, на 21 ноември би требало да изврши конечна евалуација на номинациите и да го прогласи процесот на сослушување на кандидатите за еврокомесари за завршен и да овозможи европратениците на 27 ноември во рамки на пленарното заседание во Стразбур да гласаат за избор на Европската комисија во пакет. За да биде избрана, новата Европска комисија треба да добие мнозинство гласови на пратениците што ќе гласаат. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан