• вторник, 12 ноември 2024

Шпанија ќе ги повика земјите од ЕУ да го поддржат Меѓународниот суд на правдата на ОН со декларација во врска со Израел

Шпанија ќе ги повика земјите од ЕУ да го поддржат Меѓународниот суд на правдата на ОН со декларација во врска со Израел

Брисел, 27 мај 2024 (МИА) - Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарез денеска изјави дека ќе ги повика останатите 26 земји-членки на ЕУ во заедничка декларација да објават официјална поддршка за Меѓународниот суд на правдата во Хаг и да преземат чекори за да се осигураат дека Израел ги почитува неговите одлуки, објавија британските медиуми.

-Ќе побарам од нашите дваесет и шест партнери да се изјаснат за поддршка за Меѓународниот суд на правдата и неговата одлука, а дополнително, доколку Израел продолжи да се спротивставува на мислењето на судот, ќе се обидеме да ги преземеме вистинските мерки за спроведување на оваа одлука, изјави Албарез пред претставниците на медиумите во Брисел, каде се одржува состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи.

Тој одржа заедничка прес-конференција со своите колеги од Норвешка - Еспен Барт Еиде, и од Ирска - Михал Мартин. Трите земји ја објавија својата одлука за признавање на палестинската држава, која се очекува да ја официјализираат утре.

Девет од вкупно 27 земји-членки на Европската унија ја признаваат државата Палестина. Осум од нив го сторија тоа пред да се приклучат на блокот - дури и откако палестинскиот лидер Јасер Арафат ја прогласи Палестина за независна држава на 15 ноември 1988 година - Малта, Кипар, Чешка и Словачка (до 1993 година Чехословачка), Унгарија, Романија, Бугарија и Полска. По нив во 2014 година следеше Шведска, која стана првата земја што ја призна Палестина по пристапувањето во ЕУ.

Во петокот, Меѓународниот суд на правдата на ОН во Хаг му нареди на Израел „веднаш“ да ја прекине својата воена акција против градот Рафа во јужна Газа, велејќи дека хуманитарната ситуација на палестинската територија е „катастрофална“. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан