• четврток, 26 декември 2024

Шакира до папараците: Ве молам, како мајка, не ги следете моите деца

Шакира до папараците: Ве молам, како мајка, не ги следете моите деца

Мајами, 12 април 2023 (МИА) - Шакира неодамна со своите деца се пресели во Мајами, Флорида, САД, по разделбата со шпанскиот фудбалер Жерард Пике. Сега таа на својот интернет-простор им испрати порака на папараците.

„Во овој миг на промени во мојот живот како јавна личност, разбирливо е дека постои постојана медиумска љубопитност за мене и моето семејство. Сепак, моите деца Милан и Саша преживеаја тешка година, трпејќи постојана опсада и немилосрдно прогонство од страна на папараците и разни медиуми во Барселона“, пишува латино-ѕвездата.

Тие претходно живееја во Барселона, Шпанија.

„Сега кога (децата) почнуваат нова фаза во нивните животи, ги замолувам медиумите, во име на моите деца - да го почитуваат нивното право на приватност. Ве молам да не ги следите до влезот или излезот од училиштето, да не ги чекате на вратата од нашата куќа и да не ги следите до нивните воннаставни и рекреативни активности за да ги добиете најдобрите можни слики и видеа, како што тоа се случуваше секој ден во Барселона“, повика пејачката.

Таа верува оти новинарите и фотографите ќе бидат доволно чувствителни кон двете деца на возраст од осум и 10 години.

„Оваа молба ја упатувам не како уметница, туку како мајка која сака да си ги заштити и да се погрижи за психичката и емоционалната благосостојба на своите деца“, заклучи Шакира.

Таа истакнува дека на своите деца сака само да им пружи среќен, здрав и безгрижен живот, каков што секој родител би посакал за своето дете.  си/сд/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан