• среда, 25 декември 2024

Честитка од СПМ по повод 11 Октомври - Денот на народното востание

Честитка од СПМ по повод 11 Октомври - Денот на народното востание

Скопје, 11 октомври 2024

На македонскиот народ и на сите македонски граѓани, како и на членовите на Социјалистичката партија на Македонија им го честитам празникот 11 Октомври-Денот на народното востание, ден на продолжување на вековно започнатата македонска борба за слобода и значаен ден за македонската државност.

Се потсетуваме на 11-ти Октомври 1941-ва, како на ден кога македонскиот народ го дигна востанието за ослободување на Македонија од германскиот нацистички и бугарскиот фашистички окупатор.

Најтешки години на Народно Ослободителната Војна и социјалистичката револуција исполнети со многу крвави борби, злосторства, жртви и страдања.
Македонските партизани, борци, напредни родољуби и патриоти организирани во Народниот Фронт на Македонија не потклекнаа и заедно со слободарскиот македонски народ застанаа на сојузничката страна на правдата и демократијата, храбро спротивставуваќи му се на смртниот непријател, чекорејќи кон победата и конечната слобода.

Потребно е да се повторува дека правдољубивиот македонски народ е на победничката страна и со големите жртви и страдања се избори за државотворниот АСНОМ.

Без 11 Октомври 1941-та ние ќе го немавме ниту вториот ниту третиот Илинден. Благодарение на 11 Октомври, се изборивме и за слобода и за државност и за независност.

На овој голем празник потсетувам на обврската кон нашите предци, кон македонските социјалисти кои се имаат вткаено во сите македонски борби, победи и културни, образовни, научни, економски и стопански историски подеми, како и во националната афирмација, достојно и гордо да го чуваме, негуваме и почитуваме тоа што го наследивме и што го имаме, нашата Македонија!

Нека ни е вечен Денот на народното востание!
Нека ни е вечна слободата!
Да живее Република Македонија!

Љупчо Димовски - Претседателот на Социјалистичката партија на Македонија

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан