• сабота, 23 ноември 2024

Честитка од министерот Мисајловски по повод Илинден

Честитка од министерот Мисајловски по повод Илинден

Скопје, 2 август 2024 (МИА) -  Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, на сите граѓани, припадници на Армијата, вработените во Министерството за одбрана им го честита големиот празник 2 Август – Илинден.

-Симболот на нашиот непокор, на нашата одлучност да живееме слободно во мир и заедништво, е нашиот најголем празник Илинден. Илинден е нашиот темел за независност. Аманетот на нашите херои од Илинденското востание и од Народноослободителната војска, е водилка која мораме да ја следиме и да создадеме просперитетна иднина за нашите деца, вели Мисајловски во честитката.

Нагласува дека вистинска и искрена почит кон нашите Илинденци ќе покажеме само ако сите ние, од различни етнички групи, од различна верска припадност, вистински се обединиме и заеднички вложиме максимален напор, сплотени, да го исполниме заветот и да го осветлиме нашиот пат.

- „Борбата продолжува“ Нека ни е честит Денот на Републиката - 2 Август, Илинден!, потенцира Мисајловски.

По повод денешниот празник министерот за одбрана Мисајловски заедно со министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за европски прашања, и за јавна администрација, Цветан  Трипуновски, Орхан Муртезани и Горан Минчев положија венец со свежо цвеќе во Меморијалниот центар посветен на Првото заседание на АСНОМ во Пелинце.

Делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата по повод денешниот празник положија венци со свежо цвеќе на спомен обележјата на првиот Претседател на президиумот на АСНОМ, „Методија Андонов Ченто“, споменикот на „АСНОМ“ и пред споменикот на Никола Карев пред македонското собрание во Скопје и на гробот на Никола Карев, споменикот „Слива“ и на Мечкин Камен во Крушево.вј/нд/

Фото: Министерство за одбрана

Остани поврзан