• среда, 25 декември 2024

Чадиковски ги повика институциите да се најдат сторителите на запаленото возило на директорот и новинар на штипската Телевизија М НЕТ

Чадиковски ги повика институциите да се најдат сторителите на запаленото возило на директорот и новинар на штипската Телевизија М НЕТ

Штип, 24 октомври 2024 (МИА) – Сведоци сме на еден вандалски, кукавички чин насочен против новинарството и слободата на говорот, порача попладнево од Штип претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, по опожорувањето на приватното возило на директорот на регионалната Телевизија М НЕТ-Штип, Благој Серсемов. Чадиковски истакна дека ваквиот инцидент кон еден новинар е неприфатливо од било кој аспект, како што вели да се посегне по имотот, а со тоа и да се загрози безбедноста на новинарот Серсемов и неговото семејство.

-Ваквиот чин не само што влијае или е обид за директно замолкнување и цензура на слободата на говорот, туку претставува закана од еден најдолен, криминален чин и сметаме дека во најскоро време треба да се пронајдат виновниците за овој акт, изјави Чадиковски.

Тој вели дека не сака ниту да помисли што можело да се случи доколку огнот ја зафател и куќата на Серсемов.

-Пораката којашто сакаа да ни ја испратат нема да ја прифатиме, оттука ја испраќаме пораката место за насилство против новинарите нема. Место за насилство против оние коишто сакаат да зборуваат во име на граѓаните и во име и за јавниот интерес нема. Затоа бараме и инсистираме Министерството за внатрешни работи што поитно да ги открие сторителите на овој чин и понатаму да се процесуираат. Потсетуваме ваков тип на напади против новинари со гонат по службена должност, согласно законите кои беа усвоени лани и поради тоа очекуваме и најстори казни за сторителите, изјави Чадиковски.

Директорот и новинар на регионалната Телевизија М НЕТ во Штип, Сересмов изјави дека палењето на неговото возило во раните утрински часови во дворот во семејната куќа од страна на непознати сторители го смета за директен удар врз сите медиуми, не само кон него лично, а загрозена е безбедноста и на членовите на неговото семејство. Тој се заблагодари на поддршката од страна на Здружението на новинари на Македонија.

-Заедно сме, не сме сами и тоа е добар знак за сторителите на ова дело дека ние не сме сами, сепак сме тим. Ова не е само удар кон мојот личен имот, туку ова е удар кон сите медиуми. Според мене мојата безбедност и на моето семејство е загрозена со овој вандалски чин, вели Серсемов.

Возилото на Серсемов гореше рано утринава околу 1.30 часот, за што интервенираа и пожарникарите од ТППЕ-Штип и спречија ширење на огнот кон околните објекти.

Од Основното јавно обвинителство-Штип преку писмено соопштение информираат дека издадена е наредба и насоки за расчистување на случајот, ќе се прави проверка и дали постојат евентуални снимки од видео надзор на подрачјето каде е опожарено возилото.

- Наредбите се да се извршат соодветни вештачења со кои ќе се утврдат причините за пожарот и идентификација на можен сторител на евентуално кривично дело. По наредбите и насоките постапува Министерството за внатрешни работи и вешто лице од Дирекцијата за заштита и спасување, велат од ОЈО-Штип. вдј/дма/

Фото: МИА

 

 

 

 

Остани поврзан