• сабота, 06 декември 2025

Црвен Крст од Охрид го одбележува Светскиот ден на волонтеризмот

Црвен Крст од Охрид го одбележува Светскиот ден на волонтеризмот

Охрид, 5 декември 2025 (МИА) – Општинската организација на Црвениот Крст од Охрид денеска ќе го одбележи 5 Декември - Светскиот ден на волонтерството. Во знак на благодарност за придонесот на волонтерите кон заедницата, нивното значење и улога во општеството, на волонтери и крводарители денеска ќе им бидат доделени благодарници и признанија.

На Денот на волонтерството се потсетува на придонесот на општинските волонтери кои припаѓаат на сите генерации, од најмладите до највозрасните, кои во духот на хуманоста обезбедуваат поддршка за спроведување на бројни активности наменети за најразлични корисници на услуги на Црвен Крст - Охрид.

Истакнувајќи го значењето на волонтерската активност и дејствување, и волонтерството како глобален феномен и фундаментална човечка вредност која ги развива основните постулати на граѓанското општество: почитување на разликите, хуманоста, одговорноста за други, одговорноста за своето мислење, одговорноста за својот избор, на овој Светскиот ден на волонтерството, од Црвен Крст Охрид упатуваат честитки, благодарност и почит кон сите волонтери, крводарителите, поединци, фирми, институции кои го поттикнуваат, поддржуваат волонтерството, кои го унапредиле развојот на крводарителството во Охрид и Дебрца.

„Нагласуваме дека Црвениот крст е отворен за добронамерни луѓе од сите возрасти кои својата емпатија, желба, цел и амбиција сакаат да ја посветат на нашите хуманитарни активности, одвојувајќи дел од своето слободно време, дел од себе, од својата стручност, професионалност, за помош на ранливите категории. Во таа насока добредојдени се и советниците од Советот на општина Охрид кои изразија желба да волонтираат и денес ќе можат да бидат волонтери во Црвен крст Охрид подготвувајќи и доставувајќи хуманитарни пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена на дел од социјално загрозените семејства во Охрид“, посочуваат од Црвен крст Охрид.

Оваа година на одбележувањето на Светскиот ден на волонтерството, се истакнува крводарителството, оддавајќи признание на крводарителите кои волонтерски, доброволно и без надомест ја даруваат својата најдрагоцена течност - крвта, за да спасат човечки животи.

„Промовирање, развој и унапредување на крводарителството на територијата на општините Охрид и Дебрца е заложба која Црвен крст Охрид континуирано, совесно и посветено ја спроведува во текот на цела година. Како резултат на хуманоста на крводарителите, постојаната ангажираност на вработените и волонтерите на Црвен крст Охрид и службите за трансфузиона медицина, преку организирање на крводарителски акции во текот на годината, се задоволуваат потребите од крв и крвни продукти за пациентите кои се лекуваат во здравствените установи во нашиот град“, потенцираат. аб/са/

Фото: плакат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан