• сабота, 23 ноември 2024

Централниот комитет на СИРИЗА ја потврди одлуката за избори на партиски лидер на 24 ноември

Централниот комитет на СИРИЗА ја потврди одлуката за избори на партиски лидер на 24 ноември

Атина, 22 септември 2024 (МИА) – Централниот комитет на грчката опозициска партија СИРИЗА го усвои предлогот на Политичкиот секретаријат за одржување вонреден конгрес на почетокот на ноември и избори за партиски лидер на 24 ноември, јави дописничката на МИА од Атина.

На вчерашниот состанок, Централниот комитет со големо мнозинство го изгласа датумот за изборите, а со 87 гласа „за“ и 84 „против“ помина и предлогот за јавно објавување на имотната состојба на претседателските кандидати, што според грчките медиуми, предизвикало низа реакции од поддржувачите на разрешениот претседател Стефанос Каселакис.

Околу 60 членови на Централниот комитет, поддржувачи на Каселакис, во знак на револт и со извикување слогани го напуштиле состанокот откако бил изгласан конкретниот предлог.

Вонредниот конгрес на СИРИЗА ќе одржи од 1 до 3 ноември за да се одобрат кандидатурите, на крајот на истиот месец се изборите, а доколку е потребен втор круг, ќе биде на 1 декември.

Пред две седмици Централниот комитет му ја одзеде довербата на партискиот лидер Стефанос Каселакис по што започнаа процедурите за избор на нов претседател.

Според последните истражувања на јавното мислење во Грција, СИРИЗА е со намален рејтинг и од втора политичка сила во земјата, паѓа на третата или четвртата позиција. ср/

Остани поврзан