Кралот Чарлс во божиќното обраќање повика на единство во земјата
- Британскиот крал Чарлс во денешна божиќна порака им се заблагодари на медицинските тимови за нивната поддршка во неговата битка против ракот и ги пофали заедниците во Обединетото Кралство за нивното единство по протестите кон крајот на јули по фаталните прободувања со нож на три девојчиња на час по танц во Саутпорт.
Лондон, 25 декември 2024 (МИА) - Британскиот крал Чарлс во денешна божиќна порака им се заблагодари на медицинските тимови за нивната поддршка во неговата битка против ракот и ги пофали заедниците во Обединетото Кралство за нивното единство по протестите кон крајот на јули по фаталните прободувања со нож на три девојчиња на час по танц во Саутпорт.
Говорејќи од лондонската капела Фрицровија, поранешната локација на урнатата болница Мидлсекс, кралот Чарлс ја изрази својата „срдечна благодарност“ до лекарите и медицинските сестри кои му пружиле „сила, грижа и удобност“ за време на неговото лекување од рак, објави „Гардијан“.
Се очекува кралот да го продолжи лекувањето од рак во новата година, речиси една година откако беше објавено дека се лекува од оваа болест. Повеќе детали за состојбата на принцезата од Велс и кралот не се откриени.
Значаен дел од божиќниот говор на кралот се фокусираше на повикот на британската јавност да ги поправи меѓусебните односи како одговор на насилните протести по фаталните прободувања со нож на три девојчиња на час по танц во Саутпорт на 29 јули.
Тој рече дека е „горд“ на начинот на кој заедниците се здружија, по сериозните немири што следеа, предизвикани од лажни информации за наводниот идентитет на напаѓачите.
Кралот, исто така, ги спомна „погубните последици од конфликтите на Блискиот Исток, Централна Европа, Африка и на други места“, и ги пофали „хуманитарните организации кои неуморно работат за да обезбедат витално олеснување“ за загрозените.
Тој присуствуваше на традиционалната божиќна црковна служба во Сандрингем заедно со другите членови на кралското семејство, но не и со неговиот брат принцот Ендру. рп/
Фото: МИА архива