• среда, 25 декември 2024

Центарот на Атина преполн - последни подготовки на Грците пред Божиќ (Фото)

Центарот на Атина преполн - последни подготовки на Грците пред Божиќ (Фото)

Атина, 24 декември 2024 (МИА) – Илјадници граѓани, Грци, но и туристи претпладнево го „преплавија“ центарот на Атина, искористувајќи го последниот работен ден пред Божиќ, но и топлото време, јави дописничката на МИА од Атина.

За некои денешниот ден е „последна шанса за купување божиќни подароци за најблиските“, за други „последни подготовки за Божиќ“, за трети едноставно „прошетка во празнична атмосфера“, но сите се согласни – грчката метропола како никогаш досега е преполна.

Најпознатата и најпопуларна трговска улица „Ерму“ во срцето на Атина во должина од околу 1,5 километар секогаш е центарот на случувањата, а денеска во некои од продавниците дури имаше и редици за влез.

Веројатно е дека своја улога игра и топлото време, особено со оглед на тоа што од утре се најавува студен бран што ќе ја зафати и Атина.

Метеж има и по улиците, па дури и во главната метростаница на плоштадот Синтагма во центарот на градот.

Утре и задутре во Грција се неработни денови, продавниците ќе бидат затворени, а во поголемите грчки градови, најавени се манифестации по повод Божиќ, кои ќе продолжат до Нова година.

Сања Ристовска

Фото: МИА

Остани поврзан