• четврток, 20 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Центарот за култура Крива Паланка со 1.6 милиони денари поддршка од Министерството за култура за проекти од годишната програма

Центарот за култура Крива Паланка со 1.6 милиони денари поддршка од Министерството за култура за проекти од годишната програма

Крива Паланка, 27 февруари 2025 (МИА) - Осум проекти од литературна дејност, пет од фолклорната и повеќе проекти од музичко-сценска, ликовна дејност на Националната устанива Центар за култура Крива Паланка се поддржани со годишната програма на Министерството за култура и туризам, со вкупен буџет од 1.625.000 денари.

Вршителката на должност директор на НУ Центар за култура Крива Паланка, Даниела Петровска, упати благодарност до Министерството за поддршката на разноликата и богата културна програма што центарот ќе може да ја реализира благодарение на одобрените финансии по планираните програмски дејности.

-Задоволство ми е што по подолг временски период ја враќаме драмската дејност и ќе ја заживееме и преку годишната програма на драмската секција под менторство на Енџи Николоска, како и проектот  наменет за младите „Зоки Поки“, адаптација според Оливера Николова. Од областа на музичката и музичко-сценска дејност ќе се реализираат концерт на трио: Марија Јакимовска, флејта, Верица Ајтовска, виола и Билјана Петровска,  пијано и „ Пепито“. Фолклорната дејност ќе ја продолжи традицијата на изучување традиционално пеење преку работилници, ќе се реализира проектот „Од изворот“, а покрај редовните програмски активности на КУД „8-ми Октомври“, финансиска поддршка од министерството е доделена и за традиционалните манифестации и фестивали: Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски 2025“ и „Вечер на Осоговски песни 2025“, информира денеска Петровска.

Граѓаните на Крива Паланка и сите посетители на градот што во 2024 го носеше епитетот „Град на културата“ ќе можат да уживаат во културна понуда од областа и на визуелната уметност, архитектура и дизајн, изложби на повеќе македонски автори, меѓу кои и локални творци и уметници, а редовно продолжува да функционира и ликовното студио при НУ Центар за култура под менторство на академскиот сликар Роберт Цветковски.

 -Годинава ќе биде издадена и промовирана „Тантелина“ - македонски народни приказни од кривопаланечкиот крај, а од областа на библиотечната дејност ќе работиме на читачката култура во руралните средини, ќе организираме авторски портрет на Атанас Крлевски, креативна хаику-работилница, работилници за креативно читање и пишување, а за набавка на лектирни и белетристични изданија ќе издвоиме 150.000  денари, така што, сѐ на сѐ, ни претстои богата програмска година во која љубителите на сите видови уметност ќе можат да си пронајдат и одберат дел од активностите и да уживаат, а младите да се вклучат според сопствените таленти и афинитети, рече Петровска.

Во НУ Центар за култура, покрај споменатите дејности, втора година по ред успешно работи и балетска секција. ид/цр

Фото: НУ Центар за култура Крива Паланка 

Остани поврзан