• понеделник, 29 јули 2024

Цвеќе и поезија по повод 8 Март за највозрасните кумановки во Домот за стари лица „Зафир Сајто“

Цвеќе и поезија по повод 8 Март за највозрасните кумановки во Домот за стари лица „Зафир Сајто“
Куманово, 8 март 2023 (МИА) - Жените сместени во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово го прославија Меѓународниот ден на жената. Тие добија цвеќе и слушаа поезија од учениците од кумановската гимназија „Гоце Делчев“. Учениците, дел од волонтерската група купија цвеќе и ги посетија највозрасните сограѓанки по повод Денот на жената.
 
– Неизмерно сум среќна што дојдовме до оваа идеја, да дојдеме тука да ги израдуваме најстарите дами, оние кои се нашето минато и за кои треба да имаме најголем почит и треба да сме тука секојдневно, изјави ученичката Викторија Митревска.
 
Професорката Ангела Петковска кажа дека идејата била младите да донесат ведрина и да искажат внимание на повозрасните.
 
Директорот на установата, Дејан Стојановски вели дека постковид постепено ги отвораат вратите за посетителите, пракса која се спроведуваше изминативе години. Со оглед на фактот, дека Домот е отворен карактер и тука се сместени возрасни лица, Домот беше особено претпазлив со ковид протоколите. И во овој период се носат маски, за да се заштита постарите.
 
-Сега на сите ни олесна, но маските внатре се задолжителни. Полека се враќаме на стариот начин на функционирање. Празниците се повод да нè посетат различни здруженија, училишта, изјави Стојановски.
 
Во моментов се сместени 160 корисници. Неодамна, со одлука на совет е зголемена цената за престој и сега изнесува 16.000 денари месечно. Од Домот, велат дека се свесни за оваа непопуларна мерка која е воведена поради, како што велат зголемување на цените, што пак им овозможило да функционираат редовно.
 
-Подобрување на условите е важно и зависи пред сè од персоналот. За жал, немаме одобрение од ресорното министерство за труд и социјална политика за нови вработувања, не ја знаеме причината. Ни недостигаат негувателки, медицински сестри. Јавноста е веќе информирана. Кусокот од кадар го надоместивме со ангажирање на надворешна фирма која се грижи за хигиената во домот, направивме прераспределба на персоналот, така што сметаме дека ги исполнуваме потребите на корисниците, изјави Стојановски.
 
Постои потреба на проширување на капацитетите на ниво на државата, велат стручните, бидејќи факт е дека населението во државата старее. Во Куманово од установата, велат дека ќе се фокусираат на подобрување на условите за престој. ам/дма/
 
Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан