• четврток, 12 февруари 2026

Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство

Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство

Скопје, 6 февруари 2026 (МИА) - Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување, информираат од МЖСПП.

- Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година Министерството во својот буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој - истакнал министерот Хоџа.

На средбата било нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.

Министерот Хоџа истакнал дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ-програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.

Националните паркови, како што било нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни екотуристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси. сст/дма/

Фото: МЖСПП

Остани поврзан