• недела, 24 ноември 2024

Хелсиншки комитет: Обвинителството мора да реагира на заканите со насилство

Хелсиншки комитет: Обвинителството мора да реагира на заканите со насилство
Скопје, 8 ноември 2021 (МИА) - Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека екстремните форми на говор на омраза, со кој директно се повикува на извршување на дела од омраза, се аларм кој конечно треба да го активира Јавното обвинителство да постапува во овој сегмент од неговите законски надлежности и обврски, се вели во реакцијата на Хелсиншкиот комитет во врска со говорот на омраза предизвикан од последните политички случувања во државата. Од Хелсиншкиот комитет, посочуваат дека деновиве повторно сведочиме како новонастанатата политичка криза во државата автоматски предизвика силен бран омраза заснована на етничка и политичка припадност и тоа преку закани со војна, реваншизам, бесење, силување и други најави на насилство кон ,,другите’’. - Игнорирањето на говорот на омраза и неговите последици, отсуството на процесирање на ваквите случаи и речиси непостоечката судска пракса на ова поле, директно ја овозможува неговата ескалација во чувствителни општествено-политички моменти, се вели во реакцијата од Хелсиншкиот комитет. Од Хелсиншкиот комитет, исто така, посочуваат дека како граѓанска организација која во континуитет ги следи говорот и делата од омраза, редовно поднесува пријави до Министерството за внатрешни работи. - Но, според повратните информации кои ги добиваме, обвинителството е инстанцата каде што овие случаи заглавуваат без разрешница. Токму затоа сметаме дека ваквите загрижувачките трендови во јавната комуникација не смеат да останат без соодветен одговор од институциите, со оглед на минатото искуство и бројните кризи со кои се соочуваше нашето општество во изминативе три децении, се вели во реакцијата на Хелсиншкиот комитет. Она што треба да се има предвид, се наведува во реакцијата на Хелсиншкиот комитет, е дека неказнивоста на овие дела ги минира шансите за каква било превенција на злосторства од омраза, кои секогаш се иницирани или поттикнати од говорот полн со насилство, нетрпеливост и заплашување. аа/са/

Остани поврзан