• петок, 27 декември 2024

Општина Велес ги награди најуспешните во 2024

Општина Велес ги награди најуспешните во 2024

Велес, 26 декември 2024 (МИА) - На свеченост Општина Велес попладнево во големата сала традиционално на крајот на годината ги награди најуспешните во 2024 година. Годинава признанија добија: Никола Цековски хуманист на Велес со 129  крводарувања, Борче Пачуков, најуспешен пожарникар, Трајче Деловски, најуспешен полициски службеник  и Пане Костовски, најуспешен комунален работник. 

Традиционалната честитка  пред присутните во салата од свечената говорница годинава ја упати заменик градоначалникот Коста Нојков кој на сите граѓани им порача да бидат истрајни во исполнување на своите животни цели, да ги надминуваат препреките и да градат мост на взаемна почит и разбирање.

-На прагот сме на уште една година исполнета со работни задачи,проекти и предизвици со кои се обидовме да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните на Велес. Исполнивме речиси 100 проценти од предвидените и планираните проекти за годинава, а со исто темпо и работа и развој ќе продолжиме и наредната година. Се во интерес на граѓаните, најави заменик-градоначалникот Нојков.

Во изјавата за МИА, најдобриот хуманист за 2024, Никола Цековски кој досега 129 пати  дарувал крв информира дека дарува крв од 1982 година кога бил војник во Сомбор. Оттогаш секоја година континуирано без прекин по 4 пати дарува крв. Тој ја има ретката крвна група нулта позитив и секогаш се одзива кога во итни случаи е потребна крв за некој пациент во животна опасност. Никола Цековски последен пат крв дарувал во октомври годинава во Станицата за Трансфузиологија лоцирана во велешката болница.

 -Им порачувам на своите сограѓани и сите хумани луѓе да бидат здрави и живи и кој може да дарува крв нека дарува крв и спаси нечиј живот. Тоа е најдобро чувство кога знаеш дека твојата крв спасила нечиј живот во опасаност. Јас се додека ме држи здравје и додека можам ќе продолжам да дарувам крв, најави  хуманистот Цековски.

Свеченоста беше збогатена со новогодишно-божиќни песни и македонски евергрини, во изведба на Детскиот градски хор „Свети Кирил и Методиј“ под диригенство на професорката Веселинка Маџарова. Најмладите-децата  на крајот за прекрасната изведба и пријатната атмосфера која ја направија од присутните во салата добија долг и силен аплауз. ад/сст/

фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан