Хегсет: Америка победува решително и без милост
- Тој најави дека на Блискиот Исток ќе бидат испратени дополнителни американски сили и оти САД ќе одвојат време колку што е потребно за да обезбедат победа
Вашингтон, 4 март 2026 (МИА) – Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет на денешниот прес-конференција во Пентагон за судирот со Иран наведе дека „Америка победува“.
- Денеска стојам пред вас со една недвосмислена порака за операцијата „Епски гнев“. Америка победува. Решително, разорно и безмилосно, наведе Хегсет.
Тој најави дека на Блискиот Исток ќе бидат испратени дополнителни американски сили и оти САД ќе одвојат време колку што е потребно за да обезбедат победа.
- Сè уште е многу рано, и како што претседателот Трамп рече, ќе го одвоиме сето потребно време за да се осигуриме дека ќе успееме, посочи Хегсет.
Тој ги потврди и наводите на американската армија дека вчера во Иран е елиминиран висок ирански функционер, кој раководел со операцијата за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп во 2024 година. Американското Министерство за правда тогаш подигна обвинение против ирански државјанин поради заговор за убиство на Трамп, нарачано од иранската Револуционерна гарда.
- Лидерот на единицата што се обиде да го убие претседателот Трамп е пронајден и убиен. Иран се обиде да го убие претседателот Трамп, а претседателот Трамп последен се смееше, истакна Хегсет, без да го објави идентитетот на убиеното лице.
Американскиот министер за одбрана се осврна и на нападот врз училиште за девојчиња во градот Минаб, на првиот ден од судирот, во кој, според иранските власти загинаа повеќе од 160 лица.
- Тоа го истражуваме. Секако дека никогаш не гаѓаме цивилни цели, посочи Хегсет.
Тој го пофали Израел како „постојан партнер“ и „храбар и способен сојузник“.
- Тукушто ја започнавме борбата. Америка се бори за победа и во операцијата Епски гнев ние токму тоа го правиме, наведе Хегсет. ми/рп/
фото: ЕПА