• недела, 24 ноември 2024

Хауген: Ако не се стави Фејсбук под контрола нѐ чекаат сѐ повеќе трагедии

Хауген: Ако не се стави Фејсбук под контрола нѐ чекаат сѐ повеќе трагедии
Брисел, 8 ноември 2021 (МИА) - Франсес Хауген која неодамна обелодени илјадници доверливи документи од Фејсбук, каде работеше инженер и експерт по вештачка интелигенција попладнево сведочи пред Европскиот Парламент и бара итни мерки за да се спречи штетното влијание на Фејсбук, јави дописничката на МИА од Брисел. Хауген потсети, како и при сите нејзини претходни сведочења, дека производите на Фејсбук намерно се насочени кон поларизација и поделба за да го зголемат профитот на компанијата на штета на безбедноста, здравјето и демократијата во општествата. Таа посочи повеќе примери, од дезинформации за Ковид-19 до војната во Мјанмар каде Фејсбук е обвинет дека поттикнува конфликт и не се ангажира да спречи ширење на лажни вести. - Фејсбук направи намерни избори, јас таму влегов 2019 година затоа што мој близок човек се радикализираше онлајн и сакав да се посветам Фејсбук да биде помалку токсичен, но Фејсбук кога се соочува со конфликт помеѓу профитот и нашата безбедност, конзистентно го бира профитот, изјави Хауген. Опасни содржини намерно се шират на социјалната мрежа кои водат до поттикнување омраза и убиство на неистомисленици, рече таа вечерва во Европскиот Парламент и побара од Европската Унија да донесе солидно законодавство за да ги спречи штетите на компанијата на Марк Цукерберг. - Никој надвор од Фејсбук не знае што се случува внатре, а лидерите на компанијата кријат витални информации од владите и од акционерите и постојано нѐ мамат во однос на безбедноста, рече свиркачката. За неа само нови законски правила и стандарди можат да бидат решение затоа што во моментов ФБ е обвинител, адвокат, судија и порота во целиот процес, истакна Хауген. - Фејсбук ја експлоатира способноста да крие како оперира платформата во мрак, и во иднина ќе гледаме растечки број на трагедии, имаме уште време да делуваме но мораме да делуваме сега, алармираше таа. Во однос на алгоритмите таа потсети дека не постои формално образование преку кое се учат тие, туку дека обуките се прават во компаниите. Хауген се осврна и на новото име под кое ќе работи Фејсбук - Метаверс, и изрази длабока загриженост. - Несовесно е да вработат нови десет илјади инженери кои ќе градат видео игри, а велат дека не можат да вработат ист број на луѓе за да работат на нашата безбедност, изјави свиркачката и бивша вработена во Фејсбук. Таа предупреди и дека потрошувачите нема да имаат избор во иднина со Метаверс доколку нивниот работодавец ги користи овие услуги на пример. Плановите на Метаверс се насочени кон вградување на сензори во домовите и на работните места на граѓаните, кои ќе бидат под контрола на корпорација која што, како што рече таа, не покажала никаков интерес за приватноста на луѓето. тм/ми/

Остани поврзан