• среда, 25 декември 2024

Филков: Понатамошниот дијалог во врска со работата на поранешниот министер ќе се одвива преку надлежните органи

Филков: Понатамошниот дијалог во врска со работата на поранешниот министер ќе се одвива преку надлежните органи

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Министерот за правда, Игор, Филков, изјави дека стои зад изјавата за работата на поранешниот министер Кренар Лога, за кој на прес-коференција вчера изјави дека го презел Министерството без примопредавање и со испразнет кабинет. Тој посочи дека понатамошниот дијалог во врска со случајот ќе се одвива преку надлежните органи.

- Сѐ што имав да кажам во врска со работата на мојот претходник кажав вчера и стојам поради тоа. Ја разбирам неговата нервоза, но, понатамошниот дијалог ќе се одвива преку надлежните органи, изјави министерот одговарајќи на новинарско прашање по денешното отворање на канцеларијата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство во Министерството за правда.

Министерот Филков вчера изјави дека  документот со препораките од Оценската мисија на Европската комисија бил земен од претходниот министер за правда. Нагласи дека за ова во тек е постапка и дека ќе се бара одговорност. Посочи дека го презел Министерството без примопредавање и со испразнет кабинет од потребната документација, но со тукушто набавени чадори, маици, торби, чаши и други предмети, секој во количина од над 200 парчиња. Фактурата за сите овие работи била во износ од 956 илјади денари, но неплатена.

Поранешниот министер за правда Кренар Лога преку објава на Фејсбук вчера информира дека писмото од Оценската мисија е добиено по електронски пат и дека едниот дел од писмото било наменето за јавност, а другиот дел бил класифициран. 

- Тоа писмо е архивирано од службено лице во Министерството кое ракува со доверливи материјали, но, нормално, Радица не може да го добие додека нема безбедносен сертификат. Истото писмо, со дозвола на Мисијата, е споделено и со работната група, односно со претседателот академик Владо Камбовски, напиша Лога на Фејсбук.

Според Лога, со Министерството за правда раководи Радица Лазареска Геровска, а министерот Филков е само потписник. Во однос на примопредавањето, Лога наведува дека во тој период бил на семеен одмор за што добил решение од Владата. 

Тој тврди дека Министерството било оставено без долгови. За вработените во подрачните канцеларии за бесплатна правна помош, посочува дека се исти повеќе години. 

Во врска со прашањето дали се запознаени со изјавата на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи дека државниот обвинител Љупчо Коцевски вршел притисок врз Вишото обвинителство за случајот со бонусите на поранешните обвинители од СЈО, кој лани во декември беше затворен од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, министерот Филков одговори дека не е запознаен. ар/ев/
Фото:МИА

Остани поврзан