• вторник, 07 април 2026

Филипче: Мерките на владата се задоцнети, граѓаните веќе ја плаќаат цената

Филипче: Мерките на владата се задоцнети, граѓаните веќе ја плаќаат цената

Скопје, 6 април 2026

Мерките на владата се задоцнети и само дел од оние што СДСМ ги предложи уште пред 4 недели, се случи тоа за што предупредувавме, граѓаните веќе ја плаќаат цената, сè е поскапено, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во вечерашното интервју во емисијата „На Подиум“, на Ора24.тв.

Филипче посочи дека доколку владата навреме донесеше соодветни мерки какви што предложи СДСМ, сега немаше да има толкаво поскапување.

„Тоа на што укажувавме, дека мерките треба да се преземат и да се имплементираат навремено со цел да не дојде и да не се активира спиралата на покачување на останатите цени и останатите продукти, за жал, сега се случи. Требаше на почетокот на кризата, кога почна растот на цените на нафтата на светските берзи, да се имплементираат неколку мерки кои што вистински ќе дадеа ефект. Прво, ќе имаше намалување на цените на горивата или немаше да има толкаво зголемување и второ, немаше да поскапи храната. Сега сме во фаза кога можно е да поскапат и други продукти“, рече Филипче.

Во интервјуто, Филипче рече дека ваквите половични мерки граѓаните не ги чувствуваат и укажа дека и да заврши кризата, овие високи цени нема да се вратат назад.

„Кога веќе цените се поскапени, а сè е поскапено, цените нема да се вратат назад. Поскапе лебот за 5-10 проценти, зејтин, брашно, шеќер, сол, цените на зеленчукот и овошјето за 250 до 300 проценти, сè поскапе. Што ќе се врати од ова, ништо. Укажувавме дека треба порано да се започне со мерки“, рече Филипче.

Тој додаде дека мерките што ги предложи СДСМ за намалување на ДДВ-то на горивата на 5%, сведување на ДДВ-то на основните прехранбени производи од 5 на 0%, намалување на акцизата за нафтените деривати и горивата на 4 денари и преполовување на цените на патарините, е нешто што граѓаните навистина ќе го почувствуваат како олеснување во ова кризна состојба.

„Што се случи? Ништо не презема владата. Кажуваше примерот дека наводно сме имале најниски цени во регионот, што не е точно. Многу се слични цените на горивата кај нас со Хрватска и Словенија, каде што пак минималната плата, за разлика од минималната плата кај нас која е 400 евра, таму е 1.500 евра. Замислете каква споредба. Оваа влада ако е објективна, како што не е, ако е фер кон граѓаните како што не е, ако ја донесе цената на горивата да биде соодветна на минималната плата којашто не сака да ја покачи, тогаш треба цената да ја преполови“, рече Филипче.

Филипче: Потребни се и мерки за посебни категории граѓани

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Ора24.тв рече дека владините мерки за справување со ценовната криза се задоцнети и недоволни, дека се потребни пошироки мерки, и дека неопходни се и конкретни пакети помош за посебни категории граѓани.

„Мерките се задоцнети, како го аргументираме тоа, храната веќе е поскапена. Второ, треба сега уште подрастични мерки да се воведат со конкретни пакети помош, затоа што луѓето не може да преживеат со ова мала минимална плата, ниту две минимални плати не се доволни да се задоволи една потрошувачка кошничка“, истакна Филипче.

Тој прецизираше дека државата мора да води сметка за сите оние што се најпогодени од кризата.

„А имаме семејства со многу деца, имаме пензионери со ниски пензии во најниските категории, имаме луѓе коишто работат во делот на неофицијалното работење. Значи, има многу категории на коишто владата треба да мисли. Тие луѓе се на работ на егзистенцијата“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ додаде дека и земјоделците се во многу тешка положба поради катастрофалните политики на власта на Мицкоски.

“Тука ги ставаме и земјоделците, меѓутоа тие се една посебна тема поради тоа што се повеќе апели доаѓаат од земјоделци кои работат, поради тоа што немаат доволно субвенции, понатаму субвенциите им каснат. Скратени се парите од ИПАРД, поради тоа што Европа ја запре програмата, затоа што членови на владејачката партија ги фати како ги крадат парите. Енормно се зголемени трошоците за производство на земјоделски култури, од житарици, лозари, работна рака, вода, ѓубрива. Ѓубривата може дополнително да поскапат и да ги нема поради војната. Така што ни престои тешка година, многу кризна. Мислам дека оваа влада се однесува крајно неодговорно.“ рече Филипче.

Претседателот Филипче посочи дека СДСМ уште на почетокот на кризата предложи сет мерки што ќе значеа вистинско олеснување за граѓаните, но власта повторно реагира предоцна и само делумно. Тој посети и на мерките кои Владата на СДСМ ги преземаше.

„Дополнително, како помош за граѓаните. Да ве потсетам кога ги менаџиравме ние ковид кризите и енергетската криза после почетокот на војната во Украина имаше посебни пакети финансиска помош директна до одредени категории на граѓани. Конкретни соодветни суми на пари добиваа пензионери, коишто сега не им се соодветно зголемуваат пензионерите. Во наше време добија дополнителен пакет, финансиски, социјално загрозени категории, студентите, одредени компании“, нагласи Филипче.

Тој потсети и на една од клучните мерки во време на енергетската криза, кога Владата на СДСМ директно ги штитеше семејните буџети.

„Кога беше најскапа цената на струјата, 90% од сметката на 660 илјади семејства, субвенционираше нашата влада. Значи, само 10% плаќаа граѓаните. Што прави сега владата? Ништо.“, рече претседателот Венко Филипче во интревјуто на Ора24.ТВ.

Филипче: Пензионерите се излажани од оваа власт

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто во емисијата „На Подиум“ на Ора24.тв, нагласи дека пензионерите се излажани од владата на ВМРО-ДПМНЕ, која со лажни ветувања ја доби нивната поддршка, а потоа им скрати од пензиите.

„Да потсетам дека со една лажна кампања ги придобија премиерот и ВМРО-ДПМНЕ симпатиите на пензионерите за да после ги излажат. За да практично парите им ги скратат и им ги украдат. Нема соодветно зголемување на пензиите сега. За зголемување веќе никој не зборува. Ќе им дадат линеарно 1.000 денари, а ако се задржеше нашиот систем, најниската категорија, ќе добиеше 1.300 до 1.400 денари, и ќе одеше до 2.500 или 3.000 денари зголемувањето“, рече Филипче.

Во интервјуто тој предупреди и на сериозната состојба во пензискиот фонд, потенцирајќи дека постои ризик за исплатата на пензиите во иднина.

„Нашите анализи кои што се од експерти во финансии, со реални прогнози, се дека ќе има огромен недостаток на финансиски средства за да се исплатат плати и посебно пензии, затоа што дупката во пензискиот фонд е 50%. Ние ја оставивме со 30%. За 20% се зголеми дефицитот од пари во пензискиот фонд, не знам како ќе иде исплатата на пензиите.“, рече Филипче.

Притоа, Филипче посочи дека од сегашната криза се погодени и пензионерите, особено оние со најниски пезнии и потсети дека СДСМ во најголемите кризи имаше антикризни мерки и за пензионерите.  

„Имаше посебни пакети финансиска помош директна до одредени категории на граѓани. Конкретни соодветни суми на пари добиваа пензионерите“, рече Филипче.

Филипче: Фабрики се затвораат, околу 1.500 работници се на улица

Оваа влада не се интересира ниту за граѓаните, ниту за државата, се затвораат фабрики, работници остануваат на улица, потенцираше претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто во емисијата „На Подиум“, на Ора24.тв. Филипче посочи дека странските инвестиции ја напуштаат државата и ги затвораат капацитетите.

„Фабриките се затвораат. Околу 1.500 работници се на улица. Текстилни фабрики во Штип и во зоните, овие странски фабрики кои што се повлекуваат, ги затвораат капацитетите. Во наше време странските инвестиции беа милијарда и 200 милиони евра во 2024 година, како резултат на нашите политики, консекутивните тие години. Сега, на третина се донесени странските инвестиции. 1.500 луѓе се на улица, изминатите неколку месеци само“, рече Филипче.

Притоа, Филипче посочи дека компаниите имаат проблем со наплата на повратот на ДДВ, што сериозно влијае врз нивната ликвидност.

„Има огромен проблем, каснење во исплата на повратот на ДДВ-то. Близу 100 милиони евра се должи за поврат на ДДВ. Тоа се компании кои што завршиле работа, не им стигнале парите од државата. Имаат проблем со наплата на повратот на ДДВ-то“, рече Филипче.

Тој додаде дека сето ова само потврдува дека централниот буџет не е развоен и не може да издржи криза.

„Ние предупредивме на почетокот на годинава, крајот на минатата година, кога се носеше буџетот, дека буџетот ниту е развоен, ниту може да издржи криза“, рече Филипче.

СДСМ

 

 


 

 


 

Остани поврзан