• среда, 25 декември 2024

Учество на делегацијата на Собранието во ПС на НАТО на 24.Трансатлантски форум во Вашингтон

Учество на делегацијата на Собранието во ПС на НАТО на 24.Трансатлантски форум во Вашингтон

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Во рамки на редовните годишни активности на ПС на НАТО, на Годишниот 24.Трансатлантски парламентарен форум, што во заедничка организација на ПС на НАТО, Националниот одбранбен универзитет на САД и Атлантскиот совет се одржа на 9 и 10 декември 2024 година во Вашингтон, САД, учествувала делегација на Собранието на Република Северна Македонија во ПС НАТО во состав Драган Ковачки, шеф на делегацијата, Беким Сали и Славјанка Петровска, членови на Делегацијата.

Како што денеска соопштија од собраниската прес-служба, на форумот присуствувале голем број парламентарци од земјите членки на НАТО, а се обратиле конгресмени, највисоки претставници на Атлантскиот совет, етаблирани меѓународни аналитичари за безбедносни и одбрамбени политики и еминентни професори од американски и европски универзитети, како и меѓународни фондации кои работат на безбедносни прашања.

Форумот го отвориле претседателот на Националниот одбрамбен универзитет вице-адмиралот Питер Гарвин и претседателот на Атлантскиот совет Фредерик Кемпе. Во дискусиите по нивните излагања, парламентарците ја акцентирале потребата од зачувувањето на силната и единствена врска меѓу сојузниците, која ќе резултира во градење на мирна безбедносна архитектура во светски рамки.

Посебен панел бил посветен во сеќавање на поранешниот потпретседател на ПС на НАТО и шеф на латвиската делегација, Ојарс Калнинс, на кој предавање имал Андерс Аслунд од Фондацијата Евроазија. Во размената на мислења било нагласено дека градењето на демократска отпорност е споделена вредност за трансатлантската заедница.

- Темите на дебатата на Форумот опфатија клучни глобални предизвици, како состојбата во Украина и руското влијание врз евро-атлантската безбедност, конфликти и геополитики промени на Блискиот исток, американско-кинеската конкуренција и нејзините последици за Индо-Пацификот, како и растот на автократијата како глобална закана, се вели во соопштението.

Во дискусиите било истакнато дека кревката безбедносна состојба, предизвикана од војните во Украина и во Газа, се повеќе ја наметнува потребата од силно НАТО, зајакнато вложување во одбраната и одбрамбените капацитети, исполнување на договорениот процент одвојување за одбраната и вложување во инвентивни технологии. Само со кохезивни акции, се подвлекува, може подготвено да се одговори на предизвиците од Кина и Русија, а истовремено да се води кооперативна и партнерска политика со Индо-Пацификот, Нов Зеланд и Австралија, како региони од посебен интерес за НАТО.

Конгресниот панел го воделе конгресмените Нил Дан, Рик Ларсен, Мајк Тарнер и Доналд Норкрос, сите од Републиканската партија. Дискусиите и споделените размислувања и искуства ги допреле темите поврзани со актуелната состојба во САД по изборите, ребрендирањето на американската надворешна политика, визиите за сегашните и идните предизвици на НАТО и политиката на отворени врати.

- Се разговараше и за безбедносните стратегии во однос на трилатералното безбедносно партнерство меѓу САД, ОК и Австралија - АУКУС, Арктичкиот круг, финансиската поддршка на Украина, случувањата на Блискиот исток и вложувањата во националните воени и одбрамбени капацитети. Трансатлантскиот парламентарен форум, кој претставува традиционална речиси дводецениска размена на видувања и отворена дебата според Chatham House Rules, ја отсликува синергијата и координацијата меѓу владината и парламентарната димензија на НАТО Алијансата, се наведува во соопштението и се додава дека Форумот им овозможува на парламентарните претставници на НАТО сојузничките земји изворно да се информираат за глобалната светска политика и безбедносните предизвици и за тоа како НАТО гради и имплементира консензуални и балансирани одбрамбени политики.

Парламентарното собрание на НАТО (ПС на НАТО) е мултилатерална организација која воспоставува суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на НАТО нациите, обезбедува поширока транспарентност на политиките на НАТО и придонесува да се зајакнат трансатлантските вредности на Алијансата.

ПС на НАТО брои 281 делегат од 32 земји-членки на НАТО, делегати од 11 асоцијативни земји членки, од Европскиот парламент, од 4 регионални партнери и од Медитеранските асоцијативни земји членки, како и парламентарни набљудувачи од 7 други земји и 2 парламентарни собранија (ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ) и делегација од ЕП, кои исто така, земаат учество во активностите на Собранието. Собранието претставува критички форум за меѓународен дијалог на парламентарци од Европа и од Северна Америка за стратешки и безбедносни теми од заеднички интерес на НАТО сојузниците. цр/ев/

Фото: Собрание на РСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан