• сабота, 23 ноември 2024

Усвоен Извештајот на НБ за управување и инвестирање на девизните резерви во вториот квартал

Усвоен Извештајот на НБ за управување и инвестирање на девизните резерви во вториот квартал

Скопје, 30 август 2024 (МИА) - Девизните резерви забележаа раст во вториот квартал на 2024 година и на крајот на јуни изнесуваа 4.338 милиони евра. Дел од растот на девизните резерви е одраз на поволните движења на девизниот пазар и интервенциите на Народната банка со откуп на девизи, коишто се одвиваа и во текот на третото тримесечје, соопшти Народната банка чиј Совет вчера го усвои Извештајот за управување и инвестирање на девизните резерви во вториот квартал годинава.

Управувањето со девизните резерви, укажува централната банка, беше во согласност со нивната основна намена при спроведувањето на монетарната политика, поддршката на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и одржувањето на тековната ликвидност за редовно извршување на обврските на државата кон странство. Во согласност со принципот на сигурност, при позначителна променливост на финансиските пазари, беа зголемени најзастапените вложувања во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната со највисок кредитен рејтинг, меѓу кои и зелените државни обврзници, во склад со заложбата за одржливо инвестирање.

-Насочувањето на инвестициите во најбезбедни инструменти соодветствуваше со пазарното опкружување коешто во текот на вториот квартал се одликуваше со променливи движења, условени од динамиката на инфлацијата во еврозоната. Инвестициската активност се приспособуваше кон поволните економски остварувања на глобално ниво, во согласност со сигналите на централните банки за попретпазлив пристап во однос на намалувањето на референтните каматни стапки, соопшти НБ.

Имајќи ја предвид утврдената инвестициска рамка, најголемиот дел од девизните резерви на крајот од јуни се распределени во хартии од вредност (60,1 процент), по што следуваат валутите и депозитите (28,8 порценти) и монетарното злато со 11,1 проценти. Девизните резерви во земјите од еврозоната и натаму имаат највисока застапеност во географската распределба на девизните резерви, а од аспект на валутната структура преовладуваат пласманите во евра, во согласност со примената на монетарната стратегија на целење на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото.

На седницата на Советот на Народната банка се донесоа и повеќе акти со коишто се врши усогласување со најновите измени во законската регулатива поврзани со работењето на Народната банка. Советот, исто така, ги разгледа и ги усвои полугодишните финансиски извештаи.лв/

фото:НБ 

Остани поврзан