• четврток, 26 декември 2024

Усвоена нова Директива на ЕУ за заштита на потрошувачите при зелената транзиција

Усвоена нова Директива на ЕУ за заштита на потрошувачите при зелената транзиција

Брисел, 20 февруари 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска ја усвои Директивата за подобро информирање, заштита и прилагодување на потрошувачите во Унијата во процесот на зелената транзиција и воспоставувањето на циркуларната економија. 

Со новите правила, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се зајакнуваат правата на потрошувачите преку измена на директивите за нефер комерцијални практики (УЦПД) и за правата на потрошувачите (ЦРД) 

Новата Директивата има за цел да обезбеди подобра информираност на потрошувачите, да ги заштити од невистинити „зелени“ тврдења, како и да ја прецизира одговорноста на трговците за нивно информирање за предвремено застарување на производите, непотребни ажурирања на софтверот или неоправдана обврска за купување резервни делови од оригиналниот производител. 

Директивата претходно беше усвоена од страна Европскиот парламент, а со денешното одобрување од страна на Советот, завршена е формалната процедура за нејзино носење. Таа сега треба да биде објавена во Службениот весник на Европската унија и ќе стапи во сила 20-от ден по нејзиното објавување. 

Оваа Регулатива беше предложена од страна на Европската комисија на 30 март 2022 година, како дел од Агендата на ЕУ за заштита на потрошувачите и од Акцискиот план за циркуларна економија, усвоени во 2020 година. Таа претставува продолжение на Европскиот зелен договор и е дел од пакетот од четири законски акти, заедно со регулативите за еколошки дизајн, за зелени барања и за промоција на правото на поправка на уредите. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан