• четврток, 02 јануари 2025

Универзитетското студентско собрание со иницијатива за педагошка доквалификација за наставниот кадар на високообразовните установи

Универзитетското студентско собрание со иницијатива за педагошка доквалификација за наставниот кадар на високообразовните установи

Скопје, 30 декември 2024

Универзитетското студентско собрание поднесува иницијатива за воведување задолжителна педагошка доквалификација за сите сегашни и идни асистенти, доценти, вонредни и редовни професори на високообразовните установи во Република Северна Македонија. Ваквата иницијатива е во насока на унапредување на квалитетот на наставниот процес и подобрување на образовните резултати на студентите.

Правна основа: Во основното и средното образование, според Законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование, наставниците без педагошко-психолошка и методолошка обука се должни да ја завршат истата пред да добијат лиценца за работа. Сметаме дека оваа пракса треба да се прошири и во високообразовниот систем, како дополнување на постоечките законски рамки:

● Законот за високо образование:

○ Член 37: Предвидува дека наставниот кадар треба да поседува соодветни компетенции за наставен процес.

○ Член 89: Уредува програми за доживотно учење и обуки кои ги организираат високообразовните установи.

● Законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование:

○ Член 5: Уредува обврска за педагошко-психолошка и методолошка подготовка за наставниците.

Предлог иницијатива: Предлагаме:

1. Да се воведе задолжителна педагошко-психолошка и методолошка доквалификација за сите сегашни и идни наставници на високообразовните установи.

2. Доквалификацијата да се спроведува преку акредитирани програми од високообразовните институции во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.

3. Да се извршат измени и дополнувања во Законот за високо образование, со додавање нов член кој ќе ја регулира оваа обврска, слично како што е регулирано во Законот за наставници и стручни соработници.

Зошто е ова важно?

● Унапредување на наставниот процес: Наставниот кадар кој има педагошко-психолошка и методолошка подготовка е подобро опремен за ефективно пренесување на знаењето и управување со различните аспекти на наставниот процес.

● Подобрување на студентските резултати: Примената на современи наставни методи ќе го зголеми нивото на вклученост и успех кај студентите.

● Стандарди за квалитет: Ќе се изедначат стандардите за наставниот кадар во основното, средното и високото образование.

Очекувани резултати:

● Зголемен професионализам на наставниот кадар.

● Подобра подготовка на студентите за пазарот на трудот.

● Унапредување на меѓународниот углед на македонските високообразовни установи.

Заклучок: Со оваа иницијатива бараме од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и високообразовните установи итно да преземат активности за воспоставување на оваа практика. Исто предлагаме оваа иницијатива да влезе во закон, регулатива или пак правилник на Министерството за образование и наука. Ве повикуваме на соработка со Универзитетското студентско собрание во процесот на креирање и имплементација на ваквите програми.

Претседател на Универзитетско студентско собрание, Александар Николовски

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан