• недела, 24 ноември 2024

Трошановски: Поддршката кај граѓаните за влез во ЕУ на најниско ниво, зголемен етничкиот јаз

Трошановски: Поддршката кај граѓаните за влез во ЕУ на најниско ниво, зголемен етничкиот јаз

Скопје, 18 декември 2023 (МИА) - Нивото на поддршка кај граѓаните за членството во ЕУ оваа година е најниско, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија (ИДСЦС), посочувајќи дека анкетните истражувања сепак, покажуваат дека евроскептицизмот, не е во пораст, и поголем дел од граѓаните остануваат неодлучни по ова прашање.

На промоцијата на „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2023)“ и „ЕУ интеграциите во сенка на внатрешните процеси – Анализа на јавното мислење за 2023 година“, тој информираше дека според најновите анкетни истражувања, поддршката за членство во моментов стои на 60 проценти.

Трошановски појасни дека постои се поголем етнички јаз помеѓу Македонците и Албанците иако и двата етникума со мнозинство го поддржуваат членството во ЕУ.

-Иако поддршката за ЕУ опаѓа, сепак може да се каже дека евроскептицизмот не расте, односно поголем дел од граѓаните стануваат неодлучни и неопределени по ова прашање, но и не се противат експлицитно, изјави Трошановски на промоцијата во Скопје на двете анализи.

Како што потенцираше, очекувањата на граѓаните се дека процесот за влез во ЕУ ќе се сведе само на задоволување на билатерални барања на соседите.

-Поддршката за влез во ЕУ кај дел од граѓаните подразбира и дека ние како држава мора да направиме одредени отстапки и концесии, за што постои свесност кај популацијата дека иако се непопуларни, истите мораме да ги направиме за да се помрдаме еден чекор понатаму, додаде Трошановски.

Тој напомена дека иако се помалку Европската Унија се смета за највлијателна земја во Северна Македонија, тоа од друга страна е балансирано со поддршката на ЕУ како најпосакуван сојузник на земјата. Мнозинство од граѓаните ја сметаат ЕУ за најдобар сојузник.

Како што рече, 30 проценти од граѓаните се неодлучни дали сакаат или не сакаат да влезат во ЕУ.

-Една од клучните аспекти на намалена поддршка се и намалени очекувања и разочараноста на граѓаните од испорачувааето на реформите како што беше последниот случај со извештај на Европска Комисија. Етничкиот јаз е најмногу поради билатерални прашања кои идентитетски ја засегаат македонската заедница и кај нив расте резервата од поддршка за членство во ЕУ, рече Трошановски.

Тој посочи дека 65 проценти од луѓето сметаат дека измените на Кривичниот законик беа донесени со искривени мотиви, односно во насока на амнестирање на државни функционери.

Истражувањето е спроведено во ноември на примерок на илјада испитаници, во организација на Институтот за демократија и Фондација Конрад Аденауер. бт/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан