• сабота, 23 ноември 2024

Трето издание на Самитот РЕДИ: Инклузија на Ромите во зелени и дигитални иновации и еднаквост во управување со животната средина (ДПЛ)

Трето издание на Самитот РЕДИ: Инклузија на Ромите во зелени и дигитални иновации и еднаквост во управување со животната средина (ДПЛ)

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - На тема „Инклузија на Ромите во зелени и дигитални иновации и еднаквост во управување со животната средина” во Скопје денеска се одржува третото традиционално издание на Самитот РЕДИ.

- И покрај историската маргинализација и дискриминација, ромските претприемачи покажаа издржливост и генијалност во искористувањето на можностите што ги нудат овие трансформативни движења, играјќи клучна улога во поттикнувањето на одржливиот развој, велат организаторите на настанот.

Овогодишниот самит, како што истакна директорката на РЕДИ, Надире Реџепи, има посебен фокус кон зелена агенда и дигитална агенда.

- Целта на овој самит е да воспостави дијалог и размена на знаења и пракси што се однесуваат во најголемите предизвици и можности што ромските претприемачи, ромската заедница, невработените и младите Роми се соочуваат, бидејќи целта е преку овој дијалог да воспоставиме препораки и решенија што ќе придонесат за економски раст и развој во ромската заедница, особено и прифаќање на овие глобални трендови што ја раздлабочуваат нееднаквоста помеѓу Ромите и не-Ромите, додаде Реџепи во изјава за медиуми.

Петрика Дулгеру, извршен директор на мрежата РЕДИ, даде краток осврт на досегашните резултати на РЕДИ мрежата. Тој исто така ја поздрави посетеноста на самитот и заинтересираноста за темите што беа опфатени со настанот.

Вицепремиерот во техничката Влада, Фатмир Битиќи ја нагласи посветеноста на Владата за поддршка на иницијативи што промовираат инклузивен раст и дигитално зајакнување, нагласувајќи ја важноста за искористување на технологијата и иновациите со цел создавање можности за сите.

- Треба да ги кршиме бариерите и да ги прифатиме различностите, подвлече Битиќи на Самитот.

Според Битиќи, на денешниот самит ќе се истакне важноста на инклузивноста во зелената и дигиталната трансформација на економијата, како и потребата од поголема заедничка посветеност во пронаоѓање иновативни решенија за поголема вклученост на Ромите во овие процеси.

- Длабоко сум убеден дека имаме резервоар на претприемачка иновативна енергија скриен кај нашите сограѓани Роми. Но, за да го ослободиме, треба да ги срушиме сите стереотипи и предрасуди и да ги разбереме и да ги прифатиме различностите, подвлече Битиќи.

Тој ја истакна цврстата посветеност на Владата за градење на системска сензибилност кон различностите, кон инклузијата и градењето на едно оптшество за сите, што беше формализирано со „Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и социјалната кохезија 2024-2026 година“, како и со Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 година, која беше изработена и усвоена согласно насоките на Стратешката рамка на ЕУ за Ромите.

- Ова значи дека вредносните патеки кои водат кон ЕУ и инклузија на различностите, се спојуваат една со друга, нагласи Битиќи.

Тој ја спомна и Националната развојна стратегија 2024-2044 година, која токму, преку инклузивен процес успеа во нејзиното создавање да вклучи над 14 илјади граѓани, претставници од академијата, бизнисот, граѓанскиот сектор и речиси сите политички партии.

- Оваа Стратегија на вчерашната седница на Владата беше усвоена, по што влегува во собраниска процедура за усвојување. Во нејзината изработка никој не беше изоставен поради своите различни убедувања, верувања, идентитети или припадности, вклучително и Ромите. Создадовме можност и таа можност беше искористена, секој даде свој придонес во поставувањето на дваесетгодишната визија за развојот на државата, додаде Битиќи.

Ѓоко Велковски, технички министер за труд и социјална политика, ги истакна напорите на Владата за справување со социјалните нееднаквости и промовирање на економската вклученост на ромските заедници.

- Министерството за труд и социјална политика е силно фокусирано во справување со невработеноста во земјата, преку креирање и имплементација на политики за вработување. Исто така, во континуитет посебно развива мерки и за вработување на ранливите групи на невработени лица, меѓу нив и Ромите. Ромите се една од најранливите групи на пазарот на трудот во Македонија од повеќе причини: нискиот степен на образование стекнато во рамките на формалниот систем на образование, диспропорција помеѓу стекнатото образовно искуство и реалните потреби на пазарот на трудот, прифаќање на непријавена работа односно работа на „црно“, неможност за валидација на неформално стекнатите вештини и слично, рече Велковски.

Вработувањето на ранливите групи на невработени, како што истакна тој, „лица меѓу кои се и Ромите, во голема мерка се потпира на активните мерки за вработување, кои се планираат на годишно ниво во рамките на годишните оперативни планови за вработување“.

- Во 2023 година со активните мерки за вработување од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот вкупно 542 Роми биле опфатени со активните мерки за вработување, од кои 232 се вработени преку мерките кои водат до директно вработување како што се: самовработување со доделување на грант за отворање на сопствен бизнис, субвенционирање на плати и вработување и раст на правни субјекти. Се забележува промена на учеството на Роми во мерките за вработување за разлика од минатите години. Така на пример, традиционално низ годините може да се констатира дека најголем број од Ромите беа вклучени во мерките за работно ангажирање како што се: јавни работи и општинско корисна работа, мерки кои водеа до привремено работно ангажирање за да последната година има квалитетни промени. Како најдобар пример за значително зголемено учество на Ромите, е, мерката вработување и раст на правни субјекти што води до директно вработување и се вклучени 148 Роми за разлика од 2021 и 2022 година во која беа вклучени 22 односно 33 Роми, рече Велковски.

Според него, ова е сигнал дека се случуваат позитивни промени за Ромите на пазарот на трудот во државата.  

- Сличен е случајот и со мерката обуки за побарувани занимања во која последната година биле вклучени 64 Роми, а во 2021 година споредбено само 19 Роми. Исто така, следејќи ги трендовите на Европската Унија за развој на дигитална и зелена економија во рамките на Оперативните планови за вработување, се имплементираат и мерките „поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“ со што се  поттикнува создавањето нови вработувања и воедно, ќе го катализира процесот на зелена трансформација на приватниот сектор, преку воведување на зелени производи, услуги, технологии или процеси во претпријатијата каки и „обуки за напредни ИТ вештини“, чија цел е да се надградат вештините на невработените лица во областа на информациските технологии заради зголемување на нивната конкурентност и побрза интеграција на пазарот на трудот, рече Велковски.

Тој подвлече оти учеството на Ромите во овие мерки е незначително.

- Пример во 2023 година две лица Роми биле вклучени во зелената мерка и тројца Роми во мерката обуки за напредни ИТ вештини. Слична е состојбата и во 2022 година. Ваквата реалност неминовно наметнува потреба од поактивно ангажирање на сите вклучени страни кои се стремат за подобра инклузија на Ромите во општеството. Посебно активностите треба да се насочат во делот на анимирање, мотивирање и промоција на можностите и придобивките од вклучување на Ромите во овие мерки, а заради обезбедување на пристојни и одржливи работни места на Ромите во Македонија. Сакам да нагласам дека Ромите биле и ќе бидат во фокусот на политиките на државата. Тие се составен дел на нашето мултикултурно општество и затоа и во иднина, треба сите заедно да придонесеме за нивно поквалитетно интегрирање во сите сфери на општественото живеење, рече министерот Велковски. бд/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан