• вторник, 24 декември 2024

Третина од земјината површина е деградирана од ерозија и исцрпување на хранливите материи

Третина од земјината површина е деградирана од ерозија и исцрпување на хранливите материи
29 ноември 2022 БТА Во правливиот пченкарен појас на Америка годинава, земјата се давеше. Кинескиот слив на реката Јангце пресуши. Земјоделците на двете места водат речиси изгубена битка за да ја спасат почвата што ја произведува храната што ја јадеме. Од Соединетите Американски Држави и Кина до Кенија, човечките напори за зачувување на почвата се покажаа несоодветни со сè поекстремните временски услови кои го оштетуваат живиот систем и ја исцрпуваат неговата способност за производство на храна, напиша Ројтерс по интервјуата со десетици фармери, научници и други специјалисти за почва. Според Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), ерозијата на почвата може да доведе до загуба од 10 отсто во глобалното земјоделско производство до 2050 година. Со оглед на тоа што светската популација се предвидува дотогаш да порасне за една петтина до скоро 10 милијарди, ненахранетоста и гладот ќе влијаат на сè повеќе луѓе. Малку места се во подлабока криза од пасиштата во северна Кенија, каде што постојаната суша ја лиши земјата од вегетација, изложувајќи ја почвата на оштетување и збунувачки напори за приспособување на земјоделските практики. „Почвата таму е многу ранлива, како кожата на Земјата која не носи облека додека гори сонцето“, рече Леи Ен Виновиецки, научник за почва во Најроби во CIFOR-ICRAF, истражувачки центар за придобивките од дрвјата за луѓето и пејзажот. Лажен дожд: шлаг на тортата Научниците на ОН велат дека се потребни до 1.000 години за природата да произведе 2-3 см почва, што го прави нејзиното зачувување критично. Билките растат со апсорпција на сончева светлина и јаглерод диоксид. Тие транспортираат јаглерод во почвата, хранејќи ги микроорганизмите, кои, пак, за возврат создаваат услови за живот на растенијата. Екстремните временски услови, некои предизвикани од климатските промени, не само што ги оштетуваат посевите, туку и ја еродираат почвата и ги осиромашуваат хранливите материи, како јаглеродот, азотот и фосфорот од сложениот екосистем, велат експертите. Ова води до деградација на земјиштето – намалување на нејзината способност да го поддржува растителниот и животинскиот свет, а со тоа и животот на човекот. Според Обединетите нации, третина од вкупната земјина површина е веќе деградирана поради ерозија, трошење хранливи материи или од други причини. Роналд Варгас, научник за почвата и секретар на Глобалното партнерство за почва на ФАО, вели дека екстремните временски услови ја забрзуваат деградацијата на почвата што веќе започна преку уништувањето на шумите, прекумерното пасење добиток и неправилната употреба на ѓубрива. „Деградацијата на земјиштето е маѓепсан круг. Откако ќе ги деградирате почвите и ќе се случат неповолни метеоролошки настани, тогаш има многу лоши секундарни последици“, објасни Варгас. Во однос на проектираните загуби на ФАО во глобалното растително производство, тој додаде дека овие 10 проценти претставуваат реален проблем во обезбедувањето храна. Инженеринг на дождот Американскиот среден запад, исушен поради немање дожд ова лето, всушност станува сè повлажен со текот на времето. Дождовите во текот на три дена во средината на мај однесоа до три тони нечистотија по хектар во дваесетина окрузи во Минесота, според податоците од Проектот за дневна ерозија, иницијатива на Државниот универзитет во Ајова за процена на загубата на почвата. Рејчел Шатман, асистент професор по одржливо земјоделство на Универзитетот во Мејн, рече дека средниот запад и североистокот на САД се особено ранливи на ерозија на почвата бидејќи добиваат поекстремни количества дожд од нормалното, тренд кој се очекува да продолжи до крајот на векот. Во сливот на реката Јангце, повлажното време би било добредојдено. Земјоделските појаси во регионот, кои се протегаат од Сечуан на југозапад до Шангај на источниот брег, летово добија 40 отсто помалку врнежи од нормалното и беа испечени од рекордно високите температури. Лиу Зију, официјален претставник на кинеското Министерство за вода, во август рече дека третина од почвата во шест клучни земјоделски провинции долж горниот и средниот тек на Јангце, стана посува од оптималното како резултат на сушата. Во околу една десетина од руралните окрузи во овие провинции, почвата страда од „силно исцрпување на водата“. Кинеската програма за сеење облаци понуди одредено олеснување, со 211 операции започнати само во август за да произведат дожд на над 1,45 милиони квадратни километри исушено обработливо земјиште, но експертите велат дека тоа не е долгорочно решение. Слично на тоа, другите мерки, како што се ископувањето илјадници нови бунари и охрабрувањето на земјоделците да ги менуваат културите за да го зголемат приносот, имаа ограничено влијание. Земјоделците околу езерото Појанг кое се суши во провинцијата Џиангси изјавија дека сите видови земјоделски култури се сериозно неразвиени како резултат на недостигот на врнежи. Ху Баолин од селото Ксинјао вели дека неговата репка не ни процветала, а овошјето е за третина помало од вообичаеното. Жителите на земјоделскиот округ Хукоу во Џиангси се жалат дека многу насади со сусам, пченка, сладок компир и памук се исушиле. Дел експерти се оптимисти дека работите можат да се поправат, барем на некои места во светот. ФАО годинава изработи акциски план, кој се стреми да го подобри и одржи здравјето на 50 отсто од глобалните почви до 2030 година, усвојувајќи практики, како што се ротација на културите и агрошумарството, систем за користење на земјиштето за садење дрва во и околу посевите и пасиштата. Кристин Морган, научник од Институтот за здравје на почвата со седиште во Северна Каролина, смета дека почвите може да се обноват ако земјоделците применуваат подобри методи. „Секогаш мислиме дека нешто ново ќе нè спаси, но навистина треба да го промениме нашето однесување“, коментира Морган. Опциите вклучуваат „необработување“ за намалување на ерозијата и засадување покривни култури надвор од сезоната за да се спречи ерозијата и губење на хранливите материи. Практиките се користат на само 25 проценти од обработливото земјиште во САД, според процените на БМО капитал маркетс, кои велат дека големиот ремонт на системите за одгледување создал првични трошоци за земјоделците, со губење на приносот во првите години. Во Кенија, сепак, штетата е ужасна „Почвата никогаш не била толку песочна кога бев млад“, вели Малиан Лекопир (50), кој одгледува говеда и кози во областа Самбуру. Се сеќава на времињата кога местото било населено со животни, но сега сите ги нема, а потоците пресушиле. Навистина, земјата се пресуши во Кенија, каде што од 2000 година сè почести се продолжените суши, а сегашната е најлоша во последните четири децении. Според Министерството за животна средина на Кенија, повеќе од 60 проценти од вкупната површина на земјата се смета за сериозно деградирана, а повеќе од 27 отсто многу сериозно деградирана, земајќи ги предвид факторите, како што се вегетациската покривка и нејзината способност да се спротивстави на ерозијата. Ова е и покрај напорите на зелените групи да ги охрабрат земјоделците да користат земјоделство и агрошумарство без или со минимално обработување. Ниту едно од децата што си играат во селото Лекопир во северна Кенија не се сеќава на вистинска сезона на дождови. Тие се навикнати да ги пасат камилите и да ги избегнуваат правливите долини кои сè повеќе ги има, од кои ниту една не постоела претходно. Поради сушата изворите на вода на кои ова село се потпира сè повеќе се намалуваат, а децата се разболуваат, рече Лекопир. За да ги одржат во живот преостанатите говеда и кози, сточарите често мора да пешачат стотици километри во потрага по вода или пасиште. Тревата исчезна од поголемиот дел од огромните пасишта во Кенија, оставајќи ја земјата ранлива на идното дегардирање и ерозија, објасни научникот од ЦИФОР-ИКРАФ, Виновиецки. Толку многу почва еродира во Кенија, Индија и многу други места низ светот што банката на семиња на земјата – семиња од трева подготвени да ’ртат по дождот – исто така е исцрпена, што значи дека обновувањето на некои области ќе бара рачно сеење, коментира Тор-Гунар Ваген, главен научник на ЦИФОР-ИКРАФ. „Целиот систем е на пресвртна точка. Климатските промени само го забрзуваат сето тоа“, заклучи Тор-Гунар Ваген. / Фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан