• недела, 24 ноември 2024

Тренчевска: Работиме на унапредување на социјалните услуги за поквалитетен живот на лицата со попреченост и старите лица

Тренчевска: Работиме на унапредување на социјалните услуги за поквалитетен живот на лицата со попреченост и старите лица
Скопје, 1 август 2022 (МИА) - За професија како личен асистент на лица со попреченост и лица кои имаат намалена функционалност потребна е голема емпатија и желба за извршување на дејноста. Оваа услуга е воведена со Законот за социјална заштита и им следува на лица со потешка физичка и најтешка физичка попреченост од 6 до 69 годишна возраст. Во моментот во Собрание се и измените на овој Закон, со што планираме да ги вклучиме и лицата со комбинирани пречки, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Таа во денешното гостување на утринската програма на Македонска Радио Телевизија информираше дека во моментот има 183 лични асистенти кои ја нудат услугата лична асистенција преку провајдерите во државата кои што служат како поддршка на корисниците и самите асистенти. Министерката напомена дека најголем провајдер на оваа услуга е Црвениот крст. Тренчевска посочи дека личните асистенти поминуваат обуки за кои што добиваат лиценци за работа, како и дека за време на работата, доквалификацијата продолжува со цел испорачување на поквалитетна услуга. Тренчевска се осврна и на соработката со локалните самоуправи и важноста на социјалните услуги во општините прилагодени на потребите на граѓаните. -Во 2019 година го објавивме првиот јавен повик за пројавување на интерес на локалните единици за спроведување на социјални услуги. Преку повикот се доставува проект од општината за потребите на локалната заедница за различен тип на услуга како: услуга за помош и нега на лица со попреченост, помош и нега за стари лица, отворање на дневни центри за лица со попреченост или други услуги. Во моментот со 22 општини имаме склучено управни договори каде МТСП го финансира давањето на услугите за лични асистенти во локалната самоуправа, додаде Тренчевска. Министерката посочи дека во моментот е активен и вториот јавен повик и ги охрабри општините да приложуваат проекти согласно потребите на граѓаните.​бт/са/

Остани поврзан