• сабота, 23 ноември 2024

Тренчевска на средба со млади во Струмица

Тренчевска на средба со млади во Струмица

Струмица, 27 март 2024 (МИА) - Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска на средба со млади од Струмица разговараше за политиките на Владата што се однесуваат на подобрување на квалитетот на животот на младите и кои влијаат на подобрување на состојбата на оваа категорија граѓани во државата.

Според Тренчевска, досегашните политики на Владата, како што се Оперативниот план за вработување со сите активни мерки за вработување за 2024 година, кој за 1,2 милиони евра е зголемен во однос на лани, е со опфат на нови вработувања.

-Тука би ги спомнала мерката за самовработување, која е исклучително атрактивна за младите и која овозможува реализирање на соништата на младите за отворање на сопствен бизнис и за 2024 година имаме 20 отсто поголем финансиски грант кој државата го дава на младите доколку отворат сопствен бизнис, односно 6 илјади евра за еден млад човек и 12 илјади евра доколку се содружници двајца или повеќе, истакна Тренчевска.

Додаде дека и мерката за обука за напредни ИТ вештини е многу атрактивна за младите и со неа се спречува одливот на млади мозоци во странство и можат да се вработат во домашни или странски компании во земјава за плати кои се многу поголеми, дури за 2 до 3 пати од просечната плата во државата.

На средбата со млади струмичани, Тренчевска разговарала и за мерката „Гаранција за млади“, што се спроведува во државата иако не сме членка на ЕУ и бевме единствена земја која ја реализираше по пример на европските земји, а од лани и неколку земји од регионот ја спроведуваат заради добрите резулатати која ги дала во Северна Македонија.

-Само во 2023 година во „Гаранција за млади“ се вклучени над 22.000 млади лица од државата, а над 7.000 млади се вработени и 500 млади си ги зајакнале своите вештини и станале многу поконкурентни на пазарот на труд, посочи дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика.

На средбата се зборувало и за менталното здравје кај младите и донесувањето на Националната стратегија за ментално здравје на млади, што МТСП ја донесе во соработка со младинските здруженија и граѓански организации во државата.

Се разговарало и за новиот предлог закон за работни односи и за работно ангажирање на млади на возраст од 15 до 19 години во време кога немат настава, односно во тек на зимскиот и летниот распуст. рт/цр

Фото: МИА

Остани поврзан