• среда, 26 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Трамп: Најавената посета на Гренланд не е провокација

Трамп: Најавената посета на Гренланд не е провокација

Вашингтон, 25 март 2025 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека очекуваната посета на американски претставници на Гренланд неделава, не е провокација.

Трамп ја даде изјавата по тврдењата на гренландскиот премиер Муте Егеде дека тоа е „странско мешање“.

- Ова е пријателски гест, а не провокација. Има многу луѓе на Гренланд кои би сакале нешто да се случи за да бидат соодветно заштитени и згрижени. Тие доаѓаат кај нас, а не ние кај нив, рече Трамп, без да даде повеќе детали.

Уша Венс, сопруга на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, ќе ја предводи делегацијата во која ќе бидат и советникот за национална безбедност на Белата куќа Мајк Волц и секретарот за енергетика Крис Рајт, која ќе го посети Гренланд овој викенд.

Волц и Рајт планираат да го посетат вселенскиот центар Питуфик, американската воена база на Гренланд, а Белата куќа претходно најави дека во базата ќе добијат извештаи и брифинзи од припадниците на американската војска. Волц и Рајт потоа ќе и се придружат на Венс во посета на историски локалитети и сите ќе присуствуваат на трка со санки со кучиња.

Брајан Хјуз, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа, рече дека американската делегација „е уверена дека оваа посета дава можност да се изгради партнерство кое го почитува самоопределувањето на Гренланд и ја унапредува економската соработка“.

- Ова е посета организирана со желба да се запознае Гренланд, неговата култура, историја и народ. Ќе присуствуваме на трка со санки со кучиња што САД со гордост ја спонзорираат, рече Хјуз.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја најави американската анексија на Гренланд како едно од главните прашања откако тој по вторпат ја презеде функцијата на 20 јануари.

Стратешката локација на Гренланд и богатите минерални ресурси би можеле да бидат од корист за САД, а оваа полунезависна данска територија се наоѓа на најкратката рута од Европа до Северна Америка, што е од клучно значење за американскиот систем за предупредување од можен напад со балистички ракети. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан