• четврток, 20 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Трамп може да се откаже од командата на НАТО во Европа

Трамп може да се откаже од командата на НАТО во Европа

Вашингтон 19 март 2025 (МИА) - Администрацијата на Доналд Трамп размислува да се откаже од командата на силите на НАТО во Европа, која речиси 75 години е исклучиво американска, објави „Ен-Би-Си нуз“ повикувајќи сè на неименувани извори.

Во изминатите седум и пол децении Вашингтон имаше ексклузивно право да назначува генерал со четири ѕвездички на функцијата Врховен командант на здружените вооружени сили на Алијансата.

Според телевизијата, откажувањето на САД од командата со НАТО во Европа се разгледува како дел од реформите на борбените команди и штабови на вооружените сили спроведена од Пентагон. Генерал Кристофер Каволи, кој моментално ја извршува оваа функција, истовремено е и шеф на Европската команда на САД. Тој, меѓу другото, ја координира поддршката за Украина во контекст на руската агресија. Пентагон размислува да интегрира во една, пет од вкупно 11 борбени команди, меѓу кои европската и најновата, африканската, чиј штаб е планиран за во германскиот град Штутгарт.

Со тоа би се заштедиле до 270 милиони долари годишно, или околу 0,03 отсто од годишниот буџет на американското Министерство за одбрана. Доколку САД се откажат од позицијата Врховен командант на здружените вооружени сили на Алијансата, другите членки на НАТО ќе треба да одлучат која земја ќе го предложи новиот командант. Според Џејмс Ставридис, кој ја извршуваше функцијата врховен командант на НАТО од 2009 до 2013 година, таквиот потег може да доведе до губење на влијанието на САД во Алијансата, а одлуката би можела да се протолкува како прв чекор кон целосно повлекување од воениот сојуз.

Трамп почна да разгледува промени во форматот на учеството на САД во НАТО веднаш по преземањето на функцијата. Според изворите на телевизијата, шефот на Белата куќа разговарал со своите советници за можноста да се „даде приоритет на оние членки на алијансата“ чии трошоци за одбрана го исполнуваат таргетот (што моментално изнесува два отсто за одбрана од БДП). Врз основа на овој критериум, Вашингтон би можел да одлучува со кои сојузници ќе одржува заеднички воени вежби. Во исто време, соговорниците тврдат дека Вашингтон веќе ги предупредил европските престолнини за можноста од намалување на своето воено присуство во Европа. Од друга страна, Советот за национална безбедност на Белата куќа изјави дека Трамп останува посветен на обврските кон НАТО, вклучително и на членот 5 од договорот.

Меѓу оние што досега не успеале да ги зголемат трошоците до потребното ниво се Хрватска, Португалија, Италија, Канада, Белгија, Словенија, Луксембург и Шпанија. Во исто време, Трамп повика во блиска иднина да се зголемат трошоците за одбрана до пет отсто. кб/ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан