• недела, 24 ноември 2024

Традиционална хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“

Традиционална хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“
Охрид, 31 мај 2022 (МИА) – „За посреќно детство“, традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција на Охридскиот Црвен крст, по двегодишна пауза, предизвикана од Ковид пандемијата, ќе се одржи на 11 јуни годинава. Настанот, како што информира претседателот на Црвен крст – Охрид, Сашо Точков, ќе поче со „главна трка“ на младите од плоштадот „Крушевска република “, а целта ќе биде на градскиот плоштад „Климент Охридски“, каде е предвидено да продолжат спортски, културно-забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди. - Учество се обезбедува со купување учеснички број, кој чини 50 денари. Собраните средства ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца. Секој кој ќе купи учеснички број ќе има можност да се натпреварува во: фудбал, баскет, одбојка, ракомет, тенис, бадминтон, шах, пикадо, возење велосипед, аеробик и друго, а станува и учесник во големата наградна игра со преку 50 вредни награди појасни Точков. Продажбата на учесничките броеви е во тек. Волонтерите на Црвен крст – Охрид, додаде, ќе бидат достапни со учесничките броеви на повеќе пунктови во градот, а учесничките броеви ќе можат да се набават и во просториите на Црвен крст Охрид, улица „Димитар Влахов“ бр. 52. Настанот е поддржан од Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ и Сојузот на училишен спорт и локални сонзори. сс/са/

Остани поврзан