• вторник, 12 ноември 2024

Тошковски - Свечла: Целта е граѓаните полесно да ги поминуваат границите и поуспешна борба против организираниот криминал

Тошковски - Свечла: Целта е граѓаните полесно да ги поминуваат границите и поуспешна борба против организираниот криминал

Скопје, 31 јули 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски имаше средба со неговиот косовски колега, Џелал Свечла, на која се зборувало за соработката меѓу двете земји. Целта на двајцата министри, како што беше истакнато по денешниот состанок, е граѓаните да можат полесно да ги поминуваат границите и што поуспешна борба против организираниот криминал.

Тошковски изрази надеж дека соработката во иднина ќе се подобри и ќе се фокусира на побезбеден регион.

- Заеднички констатиравме дека нашите граѓани, особено во рамки на летниот временски период и тоа како пофреквентно, ги користат граничните премини и навистина сме должни, како одговорни политичари, да направиме сè што е возможно, граничните премини што ги имаме помеѓу Македонија и Косово, да ги поедноставиме максимално. Притоа, да се направи одреден компромис помеѓу соодветните безбедносни проверки што треба да се вршат и секако, тоа да биде максимално брзо, сè со цел нашите граѓани да можат колку што е можно побрзо да ги користат граничните премини, појасни Тошковски.

Констатирано било дека во наредниот период, особено треба да се посветат и на борбата против транснационалниот криминал и организираниот криминал.

- Кога станува збор за борба против организираниот криминал, секогаш констатираме дека криминалците немаат никаков проблем да комуницираат максимално брзо и да ги преземаат сите оние нивни дејанија максимално ефикасно во рамки на нивната работа, поради што ние како МВР, треба исто така да одговориме максимално. Кога станува збор за меѓуполициска соработка, политиката не треба да има никакви влијанија, на професионално ниво, оперативно и ефикасно треба да одговориме на сите предизвици. Така што, нашата соработка само може да се продлабочува во овој дел, да ги зајакнуваме нашите постоечки добри односи, сè со цел да имаме уште подобри резултати, рече Тошковски.

Разговарале и за спроведување обуки, поддршка во дел на симулирани вежби што треба да го кренат професионалниот капацитет на вработените во рамки на министерствата.

Свечла по средбата изјави дека и двете страни се согласиле оти има потенцијал за уште поголема соработка.

- Ако двете министерства и двете влади сме се задолжиле дека ќе имаме нула толеранција кон криминалот, ова подразбира, ако е ова нашата заложба, ние како влади, како министерства, но и другите влади и министерства во регионот, да го спроведеме на дело. И двете страни се согласивме дека има потенцијал, дека има место за уште поголема соработка. Секогаш борба против организираниот криминал, тероризмот, трговијата со луѓе. Но, нашата соработка ќе биде и во правец за доброто на граѓаните на двете земји. Како што истакна и министерот, нашата цел е нашите граѓани да можат полесно да ги поминуваат нашите граници. Освен ова, ние сакаме да имаме што поуспешна борба против организираниот криминал, дециден беше министерот за внатрешни работи на Косово. бд/нд/

Фото и видео: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан