• сабота, 23 ноември 2024

Од седум до 15 отсто од жените во постпородилна депресија, уште толку непрепознаени и нелекувани

Од седум до 15 отсто од жените во постпородилна депресија, уште толку непрепознаени и нелекувани

Скопје, 3 септември 2023 (МИА) - Од седум до 15 отсто од жените паѓаат во постпородилна депресија, а уште толку се непрепознаени и нелекувани од различни причини, покажуваат податоците  од Кабинетот за третман на жени во бременост и по породување при Уиниверзитетската клиника за психијатрија во Скопје. Од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство - Скопје (ГАК), не водат евиденција за случаи на постпородилна депресија, од причина што нема едуциран кадар за таквата состојба, ниту пак мандат да се работи со тие пациентки. Оттаму велат дека има клинички психолог кој  секогаш кога има потреба, разговара со таквите пациентки и дека психијатри од Клиниката за психијатрија доаѓаат еднаш неделно на ГАК. 

Постнаталната депресија, како што појаснуваат експертите што ги контактираше МИА, е растројство што се јавува во периодот по породувањето, а се манифестира со намалено расположение, чувство на страв, немир, вознемиреност, нарушување на дневното функционирање, плачливост, чувство на вина, намалена самодоверба, силен страв за себе или своите блиски, неможност за грижа ниту за себе, ниту за бебето. Покрај овие потешкотии, доколку се тие силно изразени, се јавува и интензивно чувство на вина, несоница, неможност за поврзување со бебето, самоповредувачки мисли или самоубиствени идеи.

Пандемијата влијаеше на растот на депресивност во бременост и по породување и до 30 отсто

Професор доктор Славица Арсова, психијатар во Кабинетот за третман на жени во бременост и по породување при Клиниката за психијатрија во Скопје, во изјава за МИА појаснува дека во тек на постпородилниот период, нормално е кај некои мајки да се јави таканаречената постнатална тага, која трае околу две седмици, но, за разлика од постпородилната депресија, мајките можат да се грижат и за себе и за бебето, се јавува блага вознемиреност, плачливост и раздразливост која е минлива и не го нарушува нивното функционирање во улогата на мајка.

- Кај мајките кои се депресивни, сево ова е длабоко, следено со депресивни мисловни содржини и неможност за грижа за бебето, често со благ или изразен немир. Бројките се движат од 7 до 15 проценти, но на истите се додаваат уште толку, бидејќи се смета дека голем дел од жените се непрепознаени, нелекувани од различни причини. Постпородилната депресија најчесто се надоврзува на депресијата во текот на бременоста која доколку не се лекува е најголем ризик за продлабочување во постпородилниот период, посочува професорката Арсова.

Таа додава дека постојат повеќе ризик фактори, како минати депресивни или анксиозни епизоди, минати трауматски настани, семејно насилство, мајки без соодветна семејна подршка, малолетни мајки, постари прворотки, лекуван инфертилитет, низок степен на образование и неинформираност, други телесни болести....

- Во државата се направени повеќе истражувања на оваа тема, со посебен осврт на влијанието на пандемијата со Ковид-19, врз порастот на депресијата во бременост и по породувањето, кое беше направено на национално ниво и покажа раст на депресивноста до 30 проценти од испитаничките. Ковид пандемијата како кризна состојба имаше серозно влијание во нарушувањето на психичката состојба кај мајките. На Клиниката постои кабинет за третман на жени во тек на бременост и по породување со континуирана психијатриско-психолошка поддршка индивидуална и групна, а покрај тоа еднаш седмично има соработка со Универзитетската гинеколопшко-акушерска клиника со цел рано препознавање и третман на мајките со ризик, посочува Арсова.

Превентивното делување, според неа, е можно со подигање на свеста и будноста за психолшката состојба на жените во овој период, препознавање од страна на самите мајки и семејството, семејните доктори и гинеколози, како и со упатување на евентуален психијатриско-психолошки третман со комбинирана терапија.

Од Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) велат дека не водат евиденција за случаите на постпородилна депресија, од причина што нема едуциран кадар за таквата состојба, ниту пак мандат да се работи со тие пациентки. 

- Пациентките, по породувањето, остануваат во просек од 24 до 72 часа на Клиниката за гинекологија, период во кој евентуално може да се појави сомнение дека станува збор за пациентка во таква состојба, по што се препраќа на стручна помош на Клиниката за психијатрија. Клиничкиот психолог од нашата Клиника секогаш кога постои потреба, разговара со овие пациентки, а психијатри од Клиниката за психијатрија доаѓаат еднаш неделно на ГАК, а кога за тоа се јавува потреба, доаѓаат секогаш кога конзилијарно ќе бидат повикани. Секако, гинеколозите-акушери на ГАК, добро е да бидат вклучени во превентивата, но, претходно мора да бидат едуцирани за ова, се наведува во писмениот одговор што МИА го доби од ГАК.

Постнаталната депресија најчесто се јавува кај мајките, но, не е исклучено да се појави и кај таткото

Лиценцираниот психолог, семеен и системски советник од Гаспар - Центар за психофизичко здравје, Соња Угриновска во изјава за МИА вели дека постнаталната депресија е психолошко нарушување што се јавува по раѓањето на новороденчето, најчесто кај мајките, но, не е исклучено да се јави и кај таткото.

Родителот со постнатална депресија може да чувствува низа непријатни чувства како вознемиреност, плачливост, тага и анксиозност.

- Почнува да чувствува тешкотии кога треба да се грижи за детето и поради тоа може да почувствува вина. Непријатни и негативни мисли може да се присутни кај родителот. Пад на мотивацијата и намален интерес за секојдневните обврски придружени со промени во исхраната и сонот и така натаму. Причините за појавата на постнатална депресија се бараат во различни фактори од кои може да ги наброиме историјата на психолошки заболувања во семејството, карактеристики на бременоста и породувањето и самиот темперамент на бебето, нарушени семејни и брачни односи или стресови, потиснати чувства околу бременоста и други останати фактори. Независно од причините, станува збор за честа појава и родителот кога се наоѓа во ова заболување најдобро може да си помогне доколку разбере дека може  да се грижи за своето бебе, само доколку е тој подобар и побара стручна помош навремено. Менталните заболувања немаат видлива причина и затоа се често табу кај популацијата, исто и со постнаталната депресија, вели Угриновска.

Токму затоа, појаснува Угриновска, непријатните ставови од околината и поблиското семејство дека нема причина да се биде тажен и нерасположен, нема да ѝ помогнат на мајката која има потешкотии.

- Семејната поддршка е од важно значење, да се реагира навремено на овие симптоми и да се добие стручна помош, а секако во тие моменти блиските да бидат присутни со разбирање во кое би ја пружиле потребната помош околу детето. Исто така и групите за поддршка со други мајки кои поминуваат низ истото, може да помогне. За мајката е важно да почувствува дека повторно може да се радува на своето дете, категорична е Угриновска.

Во случај на постпородилна депресија, вели таа, потребен е комбиниран третман, кој се состои од психолошко советување и фармакотерапија.

- Грижата за менталното здравје уште во време на бременоста може да биде од корист превентивно за здравјето на родителите и нивното бебе. Континуираните прегледи би било добро да вклучуваат психолошка поддршка за бремените жени и нивните партнери, вклучувајќи дополнителна психолошка едукација за сите предизвици со кои може да се соочат, додава Угриновска.

Според Фики Гаспар, педагошки психолог и управител на Гаспар - Центар за психофизичко здравје, секоја мајка или татко, што ќе почувствува потешкиотии или било кои од симптомите, треба да се консултира со професионалец.

- Со навремено реагирање и отворена комуникација, како и барање помош од стручно лице, значително се подобрува состојбата, подвлекува Гаспар.

Од Министерството за здравство во изјава за МИА велат дека во тек се активности за воспоставување на програма за психолошко советување на жените низ целата бременост.

- Во однос на зајакнување на превенцијата, предвидена е посебна програма за психолошко советување на бремените жени и ова е тема на која поинтензивно ќе се фокусираме во периодот што следи. За бремените жени ќе направиме програма да имаат психолошко советување низ целата бременост, како мерка која планираме да ја спроведеме. Исто така, за оваа тема планирани се и кампањи со цел подигнување на свесноста, се наведува во одговорот од Министерството.

Постпородилната депресија претставува мајорна епизода на депресија што се јавува кај жените во првите четири до шест недели после породувањето, но може да се појави и до една година после раѓањето на бебето. 

Блаже Дарудов

Фото: МИА, приватна архива на соговорници

Остани поврзан