• среда, 25 декември 2024

Тајани: Италија не беше изолирана при изборот на раководни позиции во ЕУ

Тајани: Италија не беше изолирана при изборот на раководни позиции во ЕУ

Рим, 28 јуни 2024 (МИА) - Италија „не беше изолирана“ од преговорите за раководните позиции во ЕУ, изјави заменик-секретарот на Министерскиот совет и министер за надворешни работи и меѓународна соработка Антонио Тајани, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.

Поранешната министерка за одбрана на Германија Урсула фон дер Лајен е номинирана за втор мандат на функцијата -претседателка на Европската комисија. Заедно со неа, поранешниот премиер на Португалија Антонио Кошта е номиниран за претседател на Европскиот совет, а премиерката на Естонија Каја Калас за висока претставничка за надворешна политика на ЕУ. Договорот за високите позиции беше постигнат меѓу претставниците на проевропското мнозинство во Европскиот парламент, но не беше побарано мислење од италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Таа се воздржа при гласањето за фон дер Лајен и гласаше против Кошта и Калас.

„Се појави јасна разлика меѓу односите меѓу партиите и односите меѓу државите, така што не постоеше изолација на Италија, ако сакаме да направиме објективна анализа“, истакна Тајани.

„Потоа, во однос на политичкиот избор, јас исто така не се согласував со методот и правилно премиерката ја зема предвид нашата позиција кога го објави своето воздржување во однос на Урсула фон дер Лајен“, додаде тој.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера изрази несогласување со договорот меѓу Европската народна партија (ЕПП), социјалдемократите и либералите за распределба на функциите на водечките раководни места во ЕУ, оценувајќи дека е „надреално“ да не се земе предвид мислењето на европските гласачи. 

Мелони, откако изрази несогласување со договорот за распределба на највисоките позиции во ЕУ, се воздржала од гласањето за кандидатурата на Фон дер Лајен, а се изјаснила „против“ изборот на Кошта и Калас, информираат дипломатски извори.

Во објава на Икс, Мелони истакна дека ваквиот договор е „погрешен по методологијата и суштината“, додавајќи дека гласала на начинот на кој што гласала „од почит кон граѓаните и индициите што го добила од тие граѓани за време на изборите“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан