• сабота, 28 декември 2024

Таравари: Оптимист сум дека многу скоро ќе ги почнеме преговорите, ни треба гаранција дека нема повторно да бидеме условувани

Таравари: Оптимист сум дека многу скоро ќе ги почнеме преговорите, ни треба гаранција дека нема повторно да бидеме условувани

Скопје, 21 октомври 2024 (МИА) - Јас сум меѓу ретките оптимисти во државата и продолжувам да мислам дека многу скоро ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, рече вечерва министерот за здравство и еден од лидерите на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари.

Како што истакна Таравари во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, неопходно е прифатливо решение, а земјава мора да добие гаранција дека нема да биде повторно условувана. Според него, не е лоша идејата на премиерот Мицкоски, уставните измени да се изгласаат, но да стапат во сила кога Бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на Македонија во ЕУ.

За „Вреди“, напомена Таравари, воопшто не е добро да оди на локални избори со блокирани евроинтеграции.

-Не е добро што се одделивме со Албанија, но добро е што тие го почнаа процесот. Не мора Албанија да остане со нас, иако јас мислам дека пречката за Албанија беше вештачка. Премиерот Рама беше многу коректен, дека Македонија заслужува да ги почне преговорите. Мислам дека не е купување време, се бара моментум, се бара и некаква гаранција за државата и да ги почнеме преговорите. Се надевам дека со Албанија паралелно ќе течат преговорите, многу сум оптимист во ова и се уште мислам дека сите држави на Западен Балкан истовремено ќе се зачленат во ЕУ, истакна Таравари.

Тој верува дека ќе се изнајде решение кое ќе биде прифатливо за земјава, но неспорно е, како што рече, дека ќе мора да ги направиме уставните измени за да ги почнеме преговорите.

-Сепак, истовремено, ќе ни треба гаранција дека нема повторно да се бара нешто од нас, дека повторно ќе бидеме условувани. Свесни сме дека рамката со Бугарија не се менува и дека на Македонија ќе и требаат уставни измени, но ни треба и некаква гаранција, барем од центрите со влијание во светот, дека нема повторно да се бара нешто од нас. Ако продолжиме вака, различни држави може да поставуваат различни условувања, дециден е Таравари според кој, се се комплицира зашто во Бугарија нема стабилна влада.

На прашањето дали премиерот Мицкоски му кажал на што го темели оптимизмот за пристапниот процес на земјава во ЕУ откако се врати од самитот во рамки на Берлинскиот процес, Тараври одговори дека не разговарале дикректно.

-Она што ме радува е дека тој е европски ориентиран и сака Македонија да ги почне преговорите што поскоро, меѓутоа, секако, како премиер бара некакви гаранции да немаме и други пречки. Ни се случува како држава од 2018 година да ни се ветува дека ги почнуваме преговорите, да направиме одредени попуштања и пак да не ги почнеме, истакна Таравари.

За законот за правична застапеност, тој нагласи дека е неопходна синхронизација во владината коалиција. Обелодени и дека во Работната група за подготовка на законот, освен вицепремиерот Арбен Фетаи кој доаѓа од Алијансата за Албанците, ќе членуваат и високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, кои ќе ги „пеглаат“ разликите во законското решение. 

Таравари не сакаше да открие врз основа на каков механизам ќе се води сметка за правичната застапеност.

-Сите партии во владината коалиција треба да се синхронизираат и да произведат конечен закон за правична застапеност. Мора да најдеме прифатливо решение кое може да се имплементира. Правичната застапеност е уставна категорија и за тоа треба закон. Ние имавме закон подготвен од наши експерти во партијата. Се консултиравме и со Советот на Европа и со меѓународни и експерти од државата. Но, за законот да биде конечен, треба да се синхронизираат сите партии во владината коалиција, истакна Таравари.

Тој се осврна и на Уставниот суд кој, како што подвлече, ги отвори двете прашања, и законот за јазици и законот за балансерот.

-Тие два предмета стојат од 2018/2019 година и сега им требаа 100 дена Влада за да ги актуелизираат веднаш. Ме прашуваат за пратениците на ДУИ, Европскиот фронт има и од турска партија, меѓутоа има и еден човек што не е од ниту една партија. Тоа е Мурат Сали. Тој е бивш претседател на Уставниот суд. Во една дебата некој ми рече дека тој е од Турската демократска партија. Не е вистина. Тој не е член на Турската демократска партија. Нема своја партија. Нема ниту невладина организација. Не е предложен од некого. Тој е земен од Ахмети како личност и денес е пратеник на ДУИ. Дали имал цел, дали е намерно или ненамерно – тоа те асоцира, во слободни асоцијации на Фројд, дека баш зема пратеник кој е Турчин, кој не е претставник на некоја партија или на некоја невладина организација, а е бивш претседател на Уставниот суд и моментално се актуализираат поради првите сто дена на Владата, две теми за кои не е моментот во првите три месеци да се разговара, рече Таравари.

Тој е уверен дека ДУИ има влијание, не само во Уставниот суд, туку во сите судски органи и генерално, во правниот систем во државата.

-Дефинитивно мислам дека ДУИ го „тригерира“ ова за да излезе на површина, оцени Таравари.

На прашањето дали требаше да се бараат механизми за да се ограничи злоупотребата на „балансерот“, а не да се укинува, Таравари рече дека неговото укинување било во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, а имало и стратегија за администрација донесена од Владата, потпишана и од Бујар Османи, Крешник Бектеши, Кренар Лога и уште некој од поранешните министри на ДУИ, која предвидела укинување на „балансерот“.

-Ние се договоривме со ВМРО-ДПМНЕ да причекаме да подготвиме закон, па после да го тргнеме ’балансерот’. И ова ни се случи неочекувано – Уставниот суд веднаш да ги исфрли на површина. Треба да бидеш малоумен и да веруваш дека Уставниот суд случајно и двата предмети – и за употреба на албанскиот јазик и за ’балансерот’ – ќе ги стави во првите три месеци од мандатот на новата влада, нагласи Таравари.

Негов став во однос на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е дека на нејзино чело не смее да биде партиски човек. За Бојан Христовски немам доволно информации. Читав нешто по медиуми и по портали, но не мора да значи дека сите тие информации се веродостојни. Ни требаат информации да собереме од сите страни и да се разговара. Ако е добро како решение, треба да продолжи. Ако не е добро, повторно премиерот треба да одлучи. Таму не смее да биде партиски човек. Генерално, гледам дека премиерот наоѓа решенија кои се релативно прифатливи, генерално зборувам, не велам стопроцентно, така што ќе видиме, ќе разговараме повторно, да ги добиеме сите информации, напомена Таравари. мч/аа/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан