• сабота, 23 ноември 2024

Судски спор околу „Hotel California“ на „Иглс“

Судски спор околу „Hotel California“ на „Иглс“

Њујорк, 22 февруари 2024 (МИА) - Речиси половина век откако „Hotel California“ стана хит, тројца луѓе се обвинети на Суд во Њујорк поради спор околу тоа кој поседува околу 100 листови различни верзии на песната.

Клучен сведок во постапката треба да биде еден од основачите на бендот „Иглс“, Дон Хенли, кој сака да ги врати тие ракописи, додека тројцата засегнати се познати професионалци во светот на колекционерите. Обвинети се препродавачот на ретки книги Глен Хоровиц, поранешниот кустос на „Рокенрол-куќата на славните“, Крег Инчијарди и продавачот на сувенири Едвард Косински, кои се товарат за продавање на ракописите.

Обвинетите, според наводите, планирале да го спречат Хенли да си ги врати страниците пишана хартија, за коишто тврди дека се „украдени парчиња наследство“.
 
Окружниот обвинител на Менхетен, Николас Пенфолд во воведното соопштение рече оти „обвинетите не се бизнисмени кои дејствувале со добра волја, туку криминални актери“.

Тројцата обвинети се изјаснија невини по сите точки од обвинението, вклучително и заговор за поседување украден имот.

„Документите не се украдени, не купиле ништо незаконски, ниту се обиделе да ги продадат“, тврдат правните застапници на обвинетите, наведувајќи дека „Хенли доброволно се откажал од спорните документи“.

За минатата година, песната „Hotel California“ од 1976 година имала над 220 милиони преслушувања во САД и била пуштена 136.000 пати на радио станиците низ целата земја.  си/ссм/

Фото: Википедија

Остани поврзан