• сабота, 23 ноември 2024

Судот во Салехард соопшти дека следниот месец ќе одлучува дали телото на Навални ќе биде предадено на неговата мајка

Судот во Салехард соопшти дека следниот месец ќе одлучува дали телото на Навални ќе биде предадено на неговата мајка

Москва, 21 февруари 2024 (МИА) - Судот во рускиот град Салехард соопшти дека на 4 март, зад затворени врати, ќе одлучува по барањето на Људмила Навалнаја (69), мајка на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, да и биде предадено телото на нејзиниот син, кој почина во затвор во петокот на 16 февруари.

Људмила Навалнаја од саботата се обидува да го пронајде телото за кое тврди дека не знае каде е. Таа апелираше до рускиот претседател Владимир Путин да и го предаде телото, за да може достоинствено да го погреба својот син.

„Веќе петти ден не можам да го видам. Не сакаат да ми го предадат неговото тело. Не ми кажуваат ни каде е. Решението за овој проблем зависи исклучиво од вас. Дозволете ми конечно да го видам мојот син. Барам телото на Алексеј веднаш да ми биде предадено, за да можам да го погребам како човек“, рече Људмила Навалнаја во видео пораката до Путин.

Руските власти тврдат дека причината за смртта на Навални останува непозната и одбиваат да го предадат телото во следните две недели, бидејќи се спроведува истрага. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан