Студија: 31,2 процент од децата во земјата имаат зголемена телесна тежина, а 13,7 отсто од нив живеат со дебелина
- Зголемената телесна тежина и дебелината се почести кај момчињата во споредба со девојчињата. Само 25 проценти од децата секојдневно јадат свежо овошје - ова е најниското дневно ниво на овошје во целиот Европски Регион. Вкупно 20 проценти јадат свеж зеленчук секој ден, што исто така е меѓу најниските нивоа во Европа. Солени грицки јадат 40 проценти од децата - најмногу во однос на државите вклучени во COSI-студијата во Европскиот Регион. Повеќе од половина или 51 отсто од децата редовно јадат слатки грицки три или повеќе дена во неделата, соопштија од ИЈЗ.
Скопје, 4 март 2026 (МИА) - Наодите од студијата на Европската иницијатива за следење на дебелината кај децата (COSI) покажуваат сериозни предизвици поврзани со исхраната и телесната тежина кај децата од 6- до 9-годишна возраст во Северна Македонија - информираа денеска од Институтот за јавно здравје на Светскиот ден на дебелината.
Од Институтот наведоа дека 31,2 процент од децата имаат зголемена телесна тежина, а 13,7 отсто од нив живеат со дебелина, што е над просекот на Eвропскиот Регион - 25 проценти и 11 отсто, соодветно.
- Зголемената телесна тежина и дебелината се почести кај момчињата во споредба со девојчињата. Само 25 проценти од децата секојдневно јадат свежо овошје - ова е најниското дневно ниво на овошје во целиот Европски Регион. Вкупно 20 проценти јадат свеж зеленчук секој ден, што исто така е меѓу најниските нивоа во Европа. Солени грицки јадат 40 проценти од децата - најмногу во однос на државите вклучени во COSI-студијата во Европскиот Регион. Повеќе од половина или 51 отсто од децата редовно јадат слатки грицки три или повеќе дена во неделата - соопштија од ИЈЗ.
Кога станува збор за физичката активност, 40 проценти од децата поминуваат повеќе од два часа дневно пред екрани - телевизија или електронски уреди, 63,3 отсто од децата пешачат или возат велосипед до училиште - кај оние што живеат на растојание до два километра оваа навика ја практикуваат дури 89 проценти, 94 отсто од децата секојдневно имаат најмалку еден час активна игра со умерен до силен интензитет, 48,2 отсто активно спортуваат или танцуваат повеќе од два часа неделно. Големо мнозинство, 88,6 проценти, спијат најмалку девет часа навечер.
Од ИЈЗ споделија податоци и за социјални фактори и перцепција на родителите.
- Децата со зголемена телесна тежина и дебелина живеат во семејства чии родители имаат низок или среден степен на формално образование. Децата што практикуваат навики што поддржуваат здравје живееле со родители што имале повисок степен на образование. Постои ниска свесност кај родителите за препознавање на зголемената телесна тежина и дебелината кај своите деца. За повеќе од половина од децата што живеат со зголемена телесна тежина и/или дебелина, родителите перципирале дека телесната тежина на нивните деца е во препорачани граници на „нормална телесна тежина“ - додадоа од ИЈЗ.
Според ИЈЗ, овие резултати ја нагласуваат итната потреба од системски интервенции во училишната и семејната средина на децата, со цел да се промовира нивен здрав раст и развој.
- Интервенции се потребни и во други области. Реформулацијата на храната, информациите поврзани со храната, рекламирањето, урбаната околина и можноста за практикување безбедно движење и физичка активност, се само некои од нив - порачаа од Институтот. бд/вг/
Фото: Институт за јавно здравје