• среда, 13 ноември 2024

Стопанска банка АД – Скопје ја почна градба на нова управна зграда, прва во својата богата историја

Стопанска банка АД – Скопје ја почна градба на нова управна зграда, прва во својата богата историја
Скопје, 23 ноември 2022 Денес на свечена церемонија Стопанска банка АД – Скопје го одбележа започнувањето на градежните работи за изградба на нова управна зграда. Како дел од урбаната средина во срцето на градот, новиот современ објект ќе обезбеди врвни услови за работа за вработените на Банката и за нејзините бројни клиенти. Стопанска банка АД – Скопје, како дел од Групацијата на Националната Банка на Грција, со години остварува високи резултати во работењето, кои ѝ овозможуваат да инвестира во нов, современ деловен објект со кој ќе се продолжи по патот на успехот. Ова е прв ваков објект на Банката од нејзиното основање и благодарение на соработката со домашна градежна компанија, тимот на Банката и нејзините клиенти ќе добијат нов, модерен простор, целосно прилагоден на современите потреби. Со своето присуство, придонес за церемонијата дадоа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Димитар Ковачевски; амбасадорката на Република Грција во Северна Македонија, г-а Софија Филипиду; генералниот извршен директор на Групацијата на Националната банка на Грција, г. Павлос Милонас; генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје, г. Диомидис Николетопулос и високи гости од Националната банка на Грција, членови на Управниот одбор на Банката, како и други членови на менаџерскиот тим и вработени. Во оваа прилика беа дадени следните изјави: „Денес сум присутен овде не само за да учествувам во церемонијата за почетокот на градбата, туку, што е уште поважно, лично да ја пренесам пораката дека новата управна зграда ја одбележува увереноста на НБГ Групацијата во перспективите на Стопанска банка и на државата. Остануваме целосно посветени на поддршката на растот на Стопанска банка како најголеми акционери во Банката повеќе од 20 години – секогаш на страната на нашите колеги во Северна Македонија, остварувајќи синергии во нашето работење и градејќи мостови меѓу нашите две држави.“ – генерален извршен директор на НБГ Групацијата, г. Павлос Милонас. „Новиот објект исто така симболизира нова ера за банката, нешто што ќе ни даде нов живот и енергија на сите нас за да продолжиме со уште подобри резултати и да бидеме сигурни дека во иднина Банката ќе биде уште поголема и посилна и секогаш на страната на секое домаќинство и секоја корпорација, поддржувајќи ги да ги остварат своите планови и да ги достигнат своите цели.“ - генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје, г. Диомидис Николетопулос „Ни претставува навистина голема чест што потенцијалите и квалитетот на комплексот „Гранд Скопје“ се препознаени од Банката со најдолга традиција на македонскиот пазар, Стопанска банка АД – Скопје, која стана наш партнер и официјален иден корисник на овој административно-деловен објект. Првооснованата банка во државата ќе добие одлични услови за работа и тоа во најсовремен комплекс во срцето на градот. Станува збор за современ објект кој ги исполнува највисоките архитектонски стандарди и нормативи за градење на енергетски ефикасни објекти кои овозможуваат заштеда на енергија и имаат минимално влијание врз животната средина.“ - МГ Фешн, инвеститор на комплексот „Гранд Скопје“ Информации за објектот: Новиот дом за вработените и клиентите на Банката се очекува да биде комплетиран за околу 2 години. Станува збор за 11 катница која ќе изобилува со природно светло и ќе нуди пријатен работен амбиент. На приземјето ќе има централна филијала и многу наменски простори за други активности. На горниот кат вработените ќе имаат на располагање пространа зелена тераса која покрај големата употребна вредност, ќе даде дополнителен архитектонски ефект на објектот. Катовите се проектирани со агилен дизајн и овозможуваат флексибилност и модуларност, односно можност да бидат прилагодени соодветно за работата на секој организациски дел. Дополнително внимание се посвети и на високата енергетска ефикасност на зградата, со што Банката значително ќе помогне во зачувувањето на животната средина, сега и во иднина. Стопанска банка АД – Скопје ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан