Димитриеска-Кочоска: Две години по ред остваруваме над планираното, како резултат на внимателното трошење и проектирање, јавниот долг заклучно со 31 декември 2025 беше 59,3 отсто
- Бројот на вработени се зголемил за речиси 9 000 лица во четвртиот квартал 2025 во однос на 2024 година што е уште една потврда за добрите економски резултати, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на панелот „Раст на економијата - економска сигурност на граѓаните“ што се одржува во Владата. Како што истакна министерката, осврнувајќи се на најновите податоци што ги објави Државниот завод за статистика, раст е забележан во сите дејности, а најголема додадена вредност има нето извозот во последниот квартал од 2024 година има нето извозот.
Скопје, 6 март 2026 (МИА) - Бројот на вработени се зголемил за речиси 9 000 лица во четвртиот квартал 2025 во однос на 2024 година што е уште една потврда за добрите економски резултати, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на панелот „Раст на економијата - економска сигурност на граѓаните“ што се одржува во Владата.
Како што истакна министерката, осврнувајќи се на најновите податоци што ги објави Државниот завод за статистика, раст е забележан во сите дејности, а најголема додадена вредност има нето извозот во последниот квартал од 2024 година има нето извозот.
- Извозот е пораснат толку што дава најголем придонес во БДП, потоа се градежништвото и сите други дејности. Радува тоа што бележиме раст во сите дејности, не станува збор за тоа дека некаде имало голем скок или раст, во некоја дејност, напротив - раст има во сите дејности, потенцира Димитриеска-Кочоска.
Според неа, изминатите години Министерството за финансии одеше со многу реални проекции на БДП.
-Две години по ред се случува она што го остваруваме да е над планираното. Тоа ни обезбеди стабилност, фискална консолидација и постепено намалување на буџетскиот дефицит што повторно кажува дека растот на БДП е поттикнат од тоа што државата поддржува инвестиции, но, клучен е и приватниот сектор без кој се невозможни овие резултати. Му заблагодарувам на приватниот сектор што има доверба во државата, истакна министерката.
Таа подвлече и дека како резултат на внимателното трошење и проектирање, јавниот долг заклучно со 31 декември 2025 беше 59,3 отсто.
-Токму со тие внимателни проекции обезбедивме контрола врз јавниот долг. За раст на БДП многу придонесува и преработувачката индустрија. Трговијата има најголемо учество, но без преработувачка индустрија, тешко државата би можела да се развива. Последниот период и покрај големите предизвици, се стабилизира и инфлацијата, нагласи Димитриеска-Кочоска, образложувајќи ги економските параметри.
Одговорајќи на новинарско прашање, дали новите инфлаторни присисоци, за кои предупредува ММФ, може да ги загрози проекциите на Македонија за годинава и за следниот период, министерката одговори дека е премногу рано за тоа да се зборува.
-Премногу е рано да се зборува на таа тема. Не можеме да знеме што ќе се случува. Ако тргнеме од фактот дека има војна на Блискиот Исток, а во исто време кинеската економија не е загрозена, не можеме да знаеме дали ќе имаме состојби како од претходните кризи. Секако ќе правиме ребаланс и тогаш ќе ги корегираме проекциите, но во овој момент сметам дека апсолутно нема потреба од такво размислување. Следната недела ќе излезат податоците за инфлацијата, ќе видиме какви ќе бидат инфлаторните движења во февруари, ја следиме состојбата. Ќе корегираме се што треба, но се ќе зависи колку догло ќе трае ситуацијата на Блискиот Исток и каква ќе биде состојбата со алтернативните решенија за извори на снабдување на Европа и светот, истакна Димитриеска-Кочоска.
На панелот учестуваат и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. мч/са/
фото: принтскрин