• вторник, 24 декември 2024

Столтенберг ја повика Грузија да ги засили демократските реформи

Столтенберг ја повика Грузија да ги засили демократските реформи

Тбилиси, 18 март 2024 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ја повика Грузија да ги зајакне своите демократски реформи, за време на патувањето во таа земја, која со години се стреми да се приклучи на Атлантската алијанса.

„НАТО стои со вас додека го продолжувате вашиот пат кон посилна демократија и целосна евроатланска интеграција“, рече Столтенберг на прес-конференција во Тбилиси со грузискиот премиер Иракли Кобахидзе.

На самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, лидерите на земјите-членки одлучија Грузија да стане членка на Алијансата, но земјата сè уште не добила официјален кандидатски статус.

„Важно е Грузија да продолжи да ги зајакнува домашните реформи, демократските вредности и владеењето на правото, вклучително и организирање слободни и фер парламентарни избори во октомври оваа година“, рече Столтенберг.

Грузиската влада се соочува со зголемени меѓународни критики за влошување на почитувањето на демократијата во земјата. Опозицијата ја обвинува владејачката партија дека поттикнува авторитарни чекори и е поблиска до Русија.

Столтенберг оцени дека Тбилиси се соочува со „многу комплицирани предизвици на полето на безбедноста“, имајќи ги предвид „империјалистичките амбиции“ на Русија, со кои Грузија, поранешна советска република, се судри за време на кратката војна во 2008 година. паг/

Фото: МИА архива



Остани поврзан