• вторник, 26 ноември 2024

Стефковски: Гази Баба бележи историски развој, реализирани 520 нови проекти

Стефковски: Гази Баба бележи историски развој, реализирани 520 нови проекти

Скопје, 25 ноември 2024

Почитувани претставници на медиумите,

Отчетноста и транспарентноста во работењето се одлика за ВМРО-ДПМНЕ.

Измина третата година од оддржувањето на последните локални избори, а со тоа и третата година од нашиот мандат како градоначалници.

Изминатиот период од три години во општина Гази Баба работевме одговорно, чесно и посветено на реализација на што повеќе проекти. Работа што создава дела!

Реализирани или започнати со реализација се 520 нови проекти.

Изградивме 34 километри нова мрежа на фекална канализација. Секое домаќинство во населените места Смилковци и Страчинци добија приклучок на фекална канализација, додека во населените места Црешево, Гоце Делчев, Чукур Маало – Трубарево и Јурумлери во тек се постапките за реализација на последните фази по кој и во овие населени места секое домаќинство ќе добие приклучок на нова мрежа.

Изградивме две нови училишни спортски сали за учениците од Булачани и Стајковци.

Започнавме со изградба на нова училишна зграда за учениците од Крсте Мисирков во Ченто.

Градиме и нова детска градинка за дечињата од Трубарево.

Сите 6800 ученици и оваа година добија бесплатна училишна униформа, ги стипендираме талентираните ученици и учениците спортисти, а секако не ги заборавивме ниту учениците со посебни образовани потреби за кои покрај стипендиите отворивме сензорни соби, реализиравме бројни програми и активности врз основа на кој општина Гази Баба е прогласена за најинклузивна општина во Македонија.

Историски развој бележи и спортот во општина Гази Баба. Изградивме 27 спортски терени на најсовремена тартан подлога, 6 фитнес зони, 4 спортски терени на подлога од вештачка трева и два спортски терени со различни спортски содржини во Стајковци и Хиподром.

Рекордно високо ниво се и инвестициите кои ги реализиравме во подобрување на патната инфраструктура. Асфалтиравме повеќе од 150 локални улици на површина од 70.000 метри квадратни, а изградивме пешачки патеки со павер елементи на површина од 30.000 метри квадратни.

Денес за разлика од пред три години нема населено место во општина Гази Баба кое нема питка вода за пиење. Го решивме проблемот со водоснабдувањето на жителите од Брњарци и Раштак.

Не ги заборавивме ниту  нашите најмлади жители во општината. За нив изградивме 50 детски катчиња со најсовремени реквизити за детска забава, а за највозрасните, нашите пензионери отворивме клубови за дружење во Стајковци и Инџиково, а за неколку денови од денес ги отвараме и клубовите во Смилковци, Колонија и Маџари.

Воведовме субвенции за граѓаните за набавка на сончеви колектори, инвертер клима уреди, велосипеди, тротинети, печки на пелети, како и  чистење на оџаците и вградување на уреди за течен нафтен гас во автомобилите. Општина Гази Баба е првата општина во Македонија која 100% ги покрива субвенциите на граѓаните за стерилизација на домашни миленици како прв чекор кон системско решавање на проблемот со бездомните миленици.

Воведовме мерки со кои доделуваме и 5000 денари за секое новороденче и 3000 денари за секое прваче.

Изградивме нови зелени паркови на површина од 25.000 метри квадратни, а во моментот градиме нов мега парк на површина од 10.000 метри квадратни во Хиподром 2.

Едноставно нема област во која во изминатите три години не се реализирани нови проекти.

Но ние тука нема да застанеме!

Пред нас е уште една година од мандатот во која следува реализација на уште голем број на проекти кои значително ќе го подобрат животот на граѓаните на општина Гази Баба.

Дадените ветувања се реализираат, а проблемите на граѓаните се надминуваат.

Нашите зборови, прераснуваат во дела, бидејќи граѓаните тоа го заслужуваат!


Со почит,

Прес-конференција на Бобан Стефковски, градоначалник на општина Гази Баба

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ 

 

Остани поврзан