• четврток, 26 декември 2024

Стано: ЕУ незадоволна од криминализацијата на клеветата во Република Српска

Стано: ЕУ незадоволна од криминализацијата на клеветата во Република Српска

Брисел, 26 август 2023 (МИА) - Европската унија изрази жалење поради стапувањето во сила на измените на Кривичниот законик на Република Српска, со кои се воведуваат кривични казни за клевета.

Портпаролот на ЕК, Петер Стано, преку соопштение порача дека овие законски измени наметнуваат непотребни и непропорционални ограничувања на независните медиуми и граѓанското општество.

„Законот сериозно влијае на амбиентот на граѓанското општество и ја ограничува слободата на изразување и медиумите во Република Српска. Ова е за жалење и е непобитен чекор наназад во заштитата на основните права“, се нагласува во соопштението.

За Европската Унија, овој закон е спротивен на очекувањата што го придружуваа доделувањето на кандидатски статус за членство во ЕУ и е против интересите на сите граѓани на Босна и Херцеговина, вклучително и на оние што живеат во Република Српска.

Во соопштението се нагласува дека ЕУ очекува сите нивоа на власта да работат конструктивно на решавање на клучните приоритети од „Мислењето на Европската комисија“, кои се неопходни за Комисијата да препорача отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина.

Според соопштението, тој очекува БиХ да ја гарантира слободата на изразување и медиумите и заштитата на новинарите.

„ЕУ е посветена на поддршката на медиумите и граѓанското општество во Босна и Херцеговина, особено во ентитетот Република Српска“, се заклучува во соопштението.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, на 18 август го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик на Република Српска, со кој се криминализира клеветата во тој ентитет на Босна и Херцеговина. сд/

Остани поврзан