• недела, 24 ноември 2024

ССМ и СГИП реагираат на одлуката на Уставен за Договорот со „Бехтел и Енка“

ССМ и СГИП реагираат на одлуката на Уставен за Договорот со „Бехтел и Енка“

Скопје, 3 април 2024 (МИА) - Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија реагираат на одлуката на Уставен суд да не поведе постапка за оценување на уставност на три члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи поврзани со работните часови, а во врска со Договорот со „Бехтел и Енка“.

- Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија и целокупното работничко движење во Македонија се крајно разочарани и револтирани после информациите дека Уставниот суд не повел постапка за утврдување на Уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кој се дозволи да се работи 72 часовна работна недела или со кој се дозволи работниците во Македонија да работат 12 часа дневно, или 32 часа подолго од полното неделно работно време од 40 часови, стои во нивното соопштение.

Оттаму велат дека работниците во Македонија, најостро го осудуваат денешниот чин со кој, според нив, се забетонирале работничките права, особено правото на пристојно работно време и достоинствената работа.

- Но очигледно дека во Македонија одамна нема достоинство и пристојност, а владеењето на правото е исклучиво право на бизнисот и богатите наспроти работниците и сиромашните. Денешната Одлука на Уставниот суд е печат на модерно ропство како краен облик на искористување на луѓето од други луѓе, односно од странци дојдени да ги експлоатираат Македонските работници, нешто што се случувало од колонизаторите во минатиот век, а се случува и денес во срцето на Европската унија во 2024 година, дополнуваат тие.

Одлуката следува по предметот кој беше оформен по иницијативите на политичката партија Левица, Хелсиншки комитет за човекови права, Сојуз на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, а во врска работните часови поврзани со реализацијата на Договорот со „Бехтел и Енка“.

Како што информираше на денешната прес-конференција, портпаролката на Уставен, Христина Беловска, не се прифатени наводите во иницијативите на подносителите, бидејќи, како што рече, Судот не најде неуставност во одредбите, кои, меѓу другото, уредуваат и прекувремената работа за проекти од стратешко национално значење. ар/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан