• понеделник, 21 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Промовирана книгата „Народни песни и обичаи од село Градец и околните села“

Промовирана книгата „Народни песни и обичаи од село Градец и околните села“

Крива Паланка, 12 април 2025 (МИА) - Народни песни и обичаи од кривопаланечкото село Градец и околните села, собрани и запишани од авторката Мира Ѓоргиевска, новинар, поет и публицист, вечерва беа промовирани во НУ Центар за култура во Крива Паланка.

Книгата „Народни песни и обичаи од с.Градец, кривопаланечко и околните села" е во издание на НУЦК Крива Паланка, рецензент и промотор на книгата е проф. д-р Зоранчо Малинов од Институтот за фолклор „Марко Цепенков" од Скопје, а модератор беше поетесата Емилија Колевска.

-Флагрантно губење на обредниот фолклор ја поттикнало авторката на овој труд да се зафати со обемен предизвик, да ги регистрира и публикува речиси сите народни песни и добар дел од обичаите што некогаш, до пред една деценија, масовно се практикувале во нејзниот роден крај, рече Малинов.

Додаде дека „запишаните традиција и фолклор остануваат трајно богатство за идентитетот и посебноста на народот од овој крај, за век и веков“.

Она што ја направи автентична промоцијата беа настапите на свирачи на изворни инструменти од кривопаланечкиот крај, како гусла или кемане, свирачи на гајда, тапан, како и претставувањето на традиционални носии од Градец, надополнети со текстуална интерпретација на обредни фолклорни песни од страна на Емилија Колевска. 

Авторката ги запишала и сочувала песните и обичаите благодарение на нејзината мајка, жив извор на традицијата и фолклорот, Лозена Николовска.

-Мотивација ми беше да го зачувам споменот на првиот и, можеби, единствен град од прастаро време на овие простори, селото Градец, низ неговите народни песни и обичаи. Овие околу 160 народни песни кои се последните уметнички креации на народот од овој крај, на свој суптилен начин не водат во еден богат свет на суштествен начин на живот, кога се се одвивало поедноставно во духот на народната традиција и обичаи. Сакам оваа збирка да остане како траен документ за неисцрпна народна оставнина од нашите предци за сегашните и идни поколенија кои ќе покажат интерес кон оваа тематска област, порача Ѓоргиевска. ид/хс/

Фото: МИА 

Остани поврзан