• сабота, 23 ноември 2024

ССК: Ангелоски на годишен самит на Светската коморска федерација

ССК: Ангелоски на годишен самит на Светската коморска федерација
Скопје, 7 ноември 2022 (МИА) - Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Трајан Ангелоски учествува на годишниот самит на Генералниот совет на Светската коморска федерација во Париз, чиј фокус е утврдување на стратегијата за дејствување на коморите во наредните години втемелена на реалните потреби на бизнисите и глобалните економски предизвици. На настанот свои презентации имаа највисоките претставници на истакнати комори организации како Џон Дентон, генерален секретар на Интернационалната стопанска комора и Николас Урибе претседател на Светската коморска федерација. -Дејствувањето на стопанските комори ќе биде во насока на градење на политики со пет приоритети на дејствување. Овозможување на функционирање на глобалната трговија е еден од приоритетите кој им е потребен на бизнисите. Акцент се става и на промовирање на пристап до правдата и владеење на правото, преку проширување на пристап до доверливо и непристрасно избегнување и решавање на спорови, подобрување на ефикасноста на арбитражатa и другите услуги за алтернативно решавање спорови. Како трет приоритет се акцентира исполнување на целите за глобална одржливост и климатска акција преку подобра хармонизација на националните политики. Приоритет треба да биде и обликување на дигитална економија преку олеснување на користењето на конзистентни интернационални стандарди и алатки, поставување на правна рамка за трговија со помалку документи, имплементација на инструменти за заштита од сајбер криминал. Петти приоритет на делувањето е зајакнување на мултилатералната соработка, преку обликување а ефикасен меѓународен одговор за големите економски предизвици, информира ССК. На маргините на самитот, Ангелоски како единствен претставник на деловна мрежа од нашиот регион, оствари повеќе средби и состаноци со претставници на други комори, како и со Џон Дентон, генерален секретар на Интернационалната стопанска комора на кои се дискутираше за продлабочување и зајакнување на соработка. Светската коморска федерација како тело на Интернационалната стопанска комора е единствен глобален форум кој ги обединува стопанските комори од целиот свет, делува на зајакнување на врските меѓу коморите, но го претставува и гласот на бизнис заедницата во најрелевантните светски организации како Организацијата на Обединети Нации ООН, Г20, Светската трговска организација, како и Европската банка за обнова и развој. Интернационалната стопанска комора е институционален претставник на повеќе од 45 милиони компании во над 100 земји со главна мисија  да се направи бизнисот да функционира непречено за секој деловен субјект, насекаде во светот. мч/аа/

Остани поврзан