Алиу: Успешно реализирани трансплантации на рожница, нашите пациенти добиваат врвна здравствена услуга по светски стандарди
- По повод успешно реализирани трансплантации на рожница, во соработка со тим експерти од Америка, министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за очни болести во Скопје каде порача дека нашите пациенти добиваат врвна здравствена услуга по светски стандарди.
Скопје, 24 март 2026 (МИА) - По повод успешно реализирани трансплантации на рожница, во соработка со тим експерти од Америка, министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за очни болести во Скопје каде порача дека нашите пациенти добиваат врвна здравствена услуга по светски стандарди.
-Во рамки на посетата на експертите од САД, успешно се реализирани вкупно 16 трансплантации на рожница. Оваа посета претставува значајно продлабочување на соработката што ја воспоставивме со нив при првата посета, кога беа поставени темелите на ова партнерство. Со оваа втора фаза, не само што продолжуваме со зголемен обем на интервенции, туку и дополнително ги зајакнуваме капацитетите на домашните тимови, преку трансфер на знаење и примена на најсовремени, минимално инвазивни техники, изјави министерот Алиу.

Особено значајно е, додаде, што кај шест пациенти беа применети современи минимално-инванзивни техники, при кои се трансплантира само дел од рожницата со микронска прецизност и без примена на шевови.
-Овие процедури се реализираат првпат во офталмологијата во нашата земја, истакна Алиу.
Тој посочи дека пациентите добиваат врвна здравствена услуга по светски стандарди во нашата држава, што, како што рече, претставува показател дека инвестицијата во знаење и меѓународна соработка носи директна корист за граѓаните.
-Во оваа прилика сакам да упатам апел до сите граѓани - органодарителството е чин на хуманост кој спасува животи. Без донори, нема трансплантации. Токму затоа, работиме и на законски измени со кои ќе овозможиме секој граѓанин, додека е жив, да може да се изјасни дали сака да биде донор. Нашата цел е таа волја да биде примарна и целосно почитувана, а системот да биде транспарентен и доверлив, посочи Алиу.
Воедно, ги поздрави напорите и ангажманот на одговорните лица за трансплантација, националната координаторка проф. д-р Билјана Кузмановска и нејзината заменичка, д-р Гавриловска, кои заедно со директорката на Клиниката за очни болести, д-р Наташа Шекеринов и експертите од Duke универзитетот од Америка, проф. д-р Вилијамс Лојд и д-р Шина Сонг, воспоставија успешна соработка со нашите домашни тимови од Клиниката за очни болести. вј/са/
Фото: Министерство за здрвство