• четврток, 12 февруари 2026

Средба Сали - Колумбија: Продлабочување на соработката со Обединетите нации за поддршка на реформите и одржливиот развој

Средба Сали - Колумбија: Продлабочување на соработката со Обединетите нации за поддршка на реформите и одржливиот развој

Скопје, 11 февруари 2026 (МИА) - Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со резидентниот координатор на Обединетите нации во земјата, Рита Колумбија.

Кабинетот на министерот за европски прашања соопшти дека на средбата била потврдена долгогодишната и успешна соработка меѓу нашата држава и Обединетите нации како важен партнер во поддршката на реформските приоритети и одржливиот развој на државата. Министерот Сали ја истакнал посветеноста на Владата на европската интеграција како стратешки приоритет, со фокус на владеењето на правото, реформата на јавната администрација, функционирањето на демократските институции и подобрувањето на апсорпцијата на европските фондови.

Соговорниците, како што се наведува, констатирале дека приоритетите од новата рамка за соработка на Обединетите нации за периодот 2026 - 2030 се целосно усогласени со националните реформски цели и процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во областите на социјалниот развој, одржливата економија, зелената транзиција и доброто владеење.

Министерот Сали изразил благодарност за континуираната поддршка од Обединетите нации, особено во клучни моменти, и ја нагласил подготвеноста на Министерството за европски прашања за натамошно продлабочување на соработката и координацијата на развојната помош. ев/паг/

ФОТО: Кабинет на министерот за европски прашања



Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан